Ако чадот биде црн, значи дека не е избран нов папа. Но, ако е бел, тоа значи дека е избран новиот водач на Католичката црква
Кардиналите попладнево влегоа во Сикстинската капела, каде што почнува конклавата, односно гласањето за избор на 267. папа.

По влегувањето, кардиналите застануваат на своите места, каде што се наоѓаат подготвените материјали за гласање.
Многумина од нив се сретнаа по првпат пред неколку дена, што, според странските медиуми, додава непредвидливост на процесот што се извршува во тајност.
Мобилните телефоните ги предадоа, со што кардиналите можат да ја започнат конклавата под фреската „Страшниот суд“ на Микеланџело во Сикстинската капела.
Архиепископот Диего Равели извика „Екстра омнес“, што на латински значи „сите надвор“, а вратите на Сикстинската капела се затворија.
Со тоа, светот надвор се затвора, буквално и симболично – воведувајќи го свечениот, вековен ритуал проткаен со мистерија, стравопочит и молитва.
Кардиналите ќе гласат еднаш денеска, а првиот сигнал за чад ќе биде даде од оџакот на Сикстинската капела околу 19 часот по локално време. Ако чадот биде црн, значи дека не е избран нов папа.
Но, ако чадот е бел, тоа значи дека е избран новиот водач на Католичката црква.
За да се избере нов папа, потребно е двотретинско мнозинство.
Според анализите на познавачите на состојбата во Католичката црква, овој процес може да потрае, иако последните две конклави завршија до крајот на вториот ден од гласањето.
Шпекулациите за тоа кој ќе го наследи Франциск беа распространети дури и пред неговата смрт.
На списокот кој брои повеќе од 20 имиња за потенцијален папа, во последните денови се појави нов кандидат. Станува збор за Роберт Превост, умерен кардинал од САД, кој според католичкиот весник „Крукс“ е познат по својата „цврста проценка и остар капацитет за слушање“.
Според некои проценки, Превост го презел фокусот од друг умерен фаворит за папа, државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин, кој се смета за одличен дипломат.
Друг фаворит е Луис Антонио Тагле, реформатор од Филипините со прекар „Азискиот Франциск“. Но, заедно со Паролин, тој е критикуван за лошо справување со случаите на сексуална злоупотреба на деца од страна на свештеници.
Заедно со Тагле, други во прогресивниот табор се италијанските кардинали Матео Ѕупи и Пјербатиста Пицабала, борец за мир кој со години живее во Ерусалим, како и Жан-Клод Холерих од Луксембург, Тимоти Радклиф од Велика Британија и Мајкл Черни од Канада.
Од конзервативците меѓу кардиналите, како фаворит се издвојува името на унгарецот Петер Ердо и на кардиналот од Гвинеја, Роберт Сара, кој беше критичар на папството на Франциск. Иако не се на листата на фаворити, меѓу оние кои лобираат за конзервативен наследник на Франциск се американскиот бискуп Рејмонд Бурк, кој го поддржува Доналд Трамп и Герхард Милер, Германец кој предупреди дека црквата може да се подели ако не се избере ортодоксен папа.