Тој додава дека во Министерството се работи на модел за привлекување нови авиолинии и смета дека тој ќе овозможи најмалку десет, а потенцијално и дваесет нови дестинации

Министерството за транспорт е во преговори со компанијата „Визер“ за воспоставување авиолинија од Будимпешта до Охрид.
Според министерот Александар Николоски, оваа линија би била поатрактивна бидејќи, како што вели, туристичкиот потенцијал е далеку поголем.
Во однос на линијата од Будимпешта до Скопје, која е укината, Николоски вели дека таа во комерцијална смисла не била атрактивна бидејќи има две поблиски дестинации до кои се лета, а тоа се Виена и Братислава.
„Будимпешта – Скопје, беше единствената линија за која ’Визер’ добивале субвенции, субвенциите завршија, за жал, бројот на патници е мал и затоа таа линија се укина. Од Македонија нема толку патници да се опслужуваат во радиус од два часа на три аеродроми“,
вели Николоски.
Тој додава дека во Министерството се работи на модел за привлекување нови авиолинии и смета дека тој ќе овозможи најмалку десет, а потенцијално и дваесет нови дестинации.
Сегашниот модел на субвенционирање на патници во доаѓање, Николоски вели дека дава резултати и оти за неколку месеци има десет нови линии. Со новиот модел, вели тој, се планира да се зголемат субвенциите.
„Со луѓето од Министерството работам на нов модел, не сакам да ветувам, но мислам дека ќе донесе најмалку десет, а потенцијално и до дваесет нови дестинации за краток временски период. Моделот е сакаме да ги зголемиме субвенциите. Во моментов плаќаме по патник во доаѓање за некој што би слетал во Скопје по 9 евра, а некој што би слетал во Охрид плаќаме по 12 евра. Подготвени сме да одиме нагоре под услов компанијата да отвори најмалку 10 дестинации во исто време, но да го довршиме па ќе зборуваме за ова“,
додаде Николоски.
Тој вели дека чартер летовите на „Фрибирд ерлајнс“ даваат силен придонес за зголемување на авиосообраќајот, а со тоа и директно за туризмот бидејќи, како што рече, секојдневно на скопскиот аеродром слетуваат по најмалку 180 туристи. Плановите се, според Николоски, најмалку два чартери дневно да има на охридскиот аеродром.
„Амбицијата е следната година најмалку два авиони да слетуваат во Охрид, што значи дека секој ден ќе имаме по 200 нови туристи. Тие остануваат по најмалку четири дена што значи имате по 800 туристи во охридското крајбрежје во неатрактивни месеци кои ги полнат хотелите, рестораните и чаршијата“,
рече тој.
Николоски додава дека голем придонес дава и компанијата „Туркиш ерлајнс“ која лета од најголемиот аеродром во Европа за Охрид.
Од земјава авиоврски има кон 64 дестинации, од кои 56 се од скопскиот и 8 од охридскиот аеродром.
Од саботата од скопскиот аеродром двапати неделно се лета до Барселона, а трипати неделно летови ќе има и до Лион.
Во јануари годинава од Министерството за транспорт информираа дека се воведуваат две нови авиолинии до Париз и Женева, а со нив ќе оперира авиокомпанијата „Изиџет“. Летот до Париз, до аеродромот „Орли“, почна да функционира од 2 април, додека линијата до Женева ќе почне да се оперира од 3 ноември годинава.