Премиерот најави дека ќе има засилени контроли не само кај трговците, туку и кај дистрибутерите и производителите

По завршувањето на мерката за ограничување на маржите, Владата најавува интензивни контроли за тоа дали има обиди за манипулација на пазарот од страна на трговците.
„А, не, со такви трикови ние нема да дозволиме да се случат. Може некој да се обидува да се служи со такви трикови, но тоа нема да се случи“,
изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање при неговата посета на Кавадарци.
Тој додаде дека лично разговарал со министерот за економија и со директорот на Државниот пазарен инспекторат за засилени контроли не само кај трговците, туку и кај дистрибутерите и производителите.
Целта на контролите, како што рече Мицкоски, е да се провери дали има евентуални трикови во влезните фактури.
Владата, додаде тој, нема да дозволи вакви обиди, оценувајќи дека изминатите два месеци имало дисциплинирано спроведување на мерката за ограничување на маржите што довело до намалување на цените и смирување на инфлацијата.
Мицкоски рече дека за еден месец има негативна инфлација или дефлација од -1,3 отсто, додека на годишно ниво најниска во регионот и меѓу најниските во Европа, 2,7 отсто.
„Ќе ја следиме состојбата и нема да дозволиме да има стихијно однесување на пазарот“,
додаде Мицкоски.
На 30 април заврши владината мерка за ограничување на бруто-профитната маржа за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо, кои беа воведени на 20 февруари.
Со ограничена бруто-профитна маржа од пет отсто се продаваа млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко. Месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервираните зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините имаа ограничена маржа од 10 отсто, а на 15 отсто се ограничи на средствата за хигиена, свежото овошје и зеленчукот, детергентите, бебешката храна, пелените, сапунот, тоалетната хартија. Како највисока цена за ограничувањата беше земена онаа што важела на 1 февруари годинава.
Со одлуката беа опфатени 102 групи производи или над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи.
Изминатите денови, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и заменик-министерот Марјан Ристески рекоа дека мерката дала позитивен резултат, а конечна одлука за евентуално продолжување на мерката ќе биде донесена доколку има потреба.
Од Сојузот на синдикати на Македонија оценија дека владините мерки за замрзнување на цените и ограничување на маржите имаат дадено само половичен резултат.