Еден од родителите присутни на маршот ги обвини надлежните од Обвинителството дека се партиски луѓе и посочи дека за трагичната несреќа се виновни сите досегашни партиски структури во државата
Со транспаренти на кои пишува „Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има“; „Нема да има толку крв ако сè е по закон“, но и држејќи фотографии од своите починати деца, родителите на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани денеска точно напладне се собраа пред зградата на Јавното обвинителство на РСМ за најавениот „Марш на ангелите“.










Дел од нив влегоа во зградата на Обвинителството откако вчера оттаму упатија повик да дојдат и да се запознаат со сите аспекти на истражната постапка.
Еден од родителите присутни на маршот ги обвини надлежните од Обвинителството дека се партиски луѓе и посочи дека за трагичната несреќа се виновни сите досегашни партиски структури во државата.
„Сите да си дадете оставки и да се тргнете од удобните фотелји“,
повика Владимир Апостолов, родител на настрадано дете во пожарот и обвини за партиски влијанија кај дел од родителите што влегоа на состанок во Обвинителството.
„Ако не ве бива, одете си. Гитла“,
порача тој пред Обвинителството.
Родителите и семејствата на загинатите во пожарот во Кочани од Обвинителството, преку плоштадот „Македонија” се упатија пред Собранието. Тие ги повикаа премиерот и министерот за внатрешни работи да дадат оставки, а истото да го сторат и пратениците. Извикуваа „Сакаме правда”, „Оставки”, „Сега се нашите деца, утре ќе бидат други”. Побараа пратениците од Кочани да дадат оставки.
„Дали некој од пратениците од Кочани дојдоа и кажаа дека се со нас. Надвор!“,
рече една од мајките на загинато дете.
Побараа пратениците да излезат и да им дадат одговори.
„Имате ли вие деца. Што чекате. Излезете”,
извикуваат родителите.
Семејствата на загинатите во пожарот во Кочани за денеска најавија „Марш на ангелите“ во Скопје. Собирот почна пред Јавното обвинителство, а ќе продолжи на плоштадот „Македонија“ и пред Собранието. Во најавата за протестот, семејствата на загинатите посочија дека бараат одговори за насилната смрт на своите деца.
„Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат, па пуштаат, па свесни ли се дека и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со фати – пушти, без да имаме јасно образложение за таа законска процедура што се создава во нашите мисли, кои и онака се на работ на самоуништување“,
беше наведено во најавата за потесниот марш.