Адвокатот на Александар Василевски-Нинџа, Звонко Давидовиќ, во изјава за медиумите не сакаше да ги коментира заканите кои денеска на јавна седница во Апелација за предметот „27 април“ ги пријави неговиот клиент, а за кои тврди дека доаѓаат од страна на Митко Чавков, од политичари и од лица од патриотските здруженија кои утрово биле со ќерката на ексдиректорот на БЈБ.
Давидовиќ порача дека безбедноста на Нинџа е во раце на државата.

„Вие, медиумите, веќе објавивте дека се води постапка за заканите. Утрово тој ги извести судиите дека некои лица му се заканувале при транспортот во судот. Судот тоа го забележа и останува на судот и на обвинителството дали нешто ќе се направи. Не би се мешале околу тој дел. Неговата безбедност не е во наши раце, за него одговара државата затоа што се наоѓа во притвор и тој притвор е определен од судот и судот треба да води сметка“,
рече адвокатот.
Давидовиќ е бранител и на Душко Лазаров од МВР, кој е еден од осудените за настаните од 27 април 2017 во Собранието. Тој и другите адвокати, како и осудените, вчера, денеска, а и утре ќе присуствуваат на јавна седница пред Апелацискиот суд Скопје за да ги образложат жалбите за пресудата која беше донесена од Основаниот кривичен суд во март лани и сѐ уште не е правосилна.
Давидовиќ, како и неговите колеги, смета дека второстепениот суд треба да го врати предметот на повторно постапување. И тој, меѓу другото, не се согласува дека во случајот станува збор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
„Првостепениот суд не кажал и не навел што е уставниот поредок кој бил загрозен. Јас верувам дека првостепениот суд и не знае што е уставен поредок, инаку ваквата пресуда не би ја напишал затоа што се брука како правник. Не може уставен поредок да бидат двајца пратеници за кои тврди дека биле таргет ниту, пак, избор на претседател на Собрание кој веќе бил направен. Се тврди дека имаме терористичко загрозување и терористи во судницата, но не даде појаснување како ја утврдил терористичката организација, кои се членовите, по чиј претходен договор и на кој начин постапувале. Ако е тоа само поради носење маски, знам дека сега и судот носи маски и обвинителката која го бранеше предметот, па тоа не може да биде причина и доказ за некого да наречете терорист“,
изјави Давидовиќ пред новинарите.
Тој рече дека во овој предмет ги нема лицата од МВР, кои би требало да бидат опфатени, ако веќе станува збор за непостапување. Меѓу нив го спомена и тогашниот прв човек на МВР, Агим Нухиу.
„Во однос на самата пресуда, ако тврдите дека Митко Чавков не издал наредба за специјални и дополнителни сили, па тврдите дека и Митко Пешов и Душко Лазаров не издале наредба, тогаш не знаете кој требало да издаде и дали воопшто и на кој начин требало да издаде. А, анализирате упатства, но не знаете да ги анализирате, во кои стои дека СВР Скопје е носител на командата за територии на Град Скопје. Тоа се лицата Ивица Вучевски и други кои се носители на таа команда и воопшто не се во судница и го амнестирате министерот за внатрешни работи кој не презел ништо, а одговара за безбедност и за цело Министерство“,
вели адвокатот.
Во предметот за кој овие денови се расправа пред Апелација осудени се 16 лица со вкупно 211 години затвор. Имаше и една ослободителна пресуда за Игор Дурловски, за што, пак, се жали обвинителството. 15 лица кои беа обвинети подоцна беа амнестирани со Законот кој го донесе Собранието во декември 2018.
*Поврзана вест
Адвокатот на Чавков: Будалаштина од најдолен вид е обвинувањето на Нинџа за заканите