Американскиот претседател ги повика двете стани веднаш да го запрат крвопролевањето и наведе дека САД ќе помогнат во олеснувањето на договорот за ставање крај на, како што ја нарече, суровата и бесмислена војна
Американскиот претседател Доналд Трамп повика на одржување разговори на високо ниво меѓу Украина и Русија со цел договор за ставање крај на конфликтот. Тој ова го кажа по вчерашната средба на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и рускиот претседател Владимир Путин во Москва.

По средбата Виткоф-Путин, американскиот претседател оцени дека Москва и Киев се многу блиску до договор и дека повеќето од главните точки се договорени.
„Добар ден во разговорите и средбите со Русија и Украина. Тие се многу блиску до договор, а двете страни сега треба да се сретнат, на многу високо ниво, за да го ‘завршат’. Поголемиот дел од главните точки се договорени“,
напиша Трамп во објава на социјалната мрежа Трут соушл по средбата Виткоф-Путин.
Тој ги повика двете стани веднаш да го запрат крвопролевањето и наведе дека САД ќе помогнат во олеснувањето на договорот за ставање крај на, како што ја нарече, суровата и бесмислена војна.
Висок претставник на Кремљ, Јуриј Ушаков, вчера изјави дека разговорите меѓу Путин и Виткоф биле продуктивни и ги доближиле позициите на САД и Русија за Украина и други прашања. Според него, на состанокот се зборувало и за можноста за директни преговори меѓу Москва и Киев.
Вчерашната средба на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и рускиот претседател Владимир Путин е четврта по ред од јануари годинава и доаѓа во момент кога администрацијата на Доналд Трамп прави силен притисок за ставање крај на војната во Украина.