Од ССМ ги повикаа сите работници на првомајски протест кој ќе се одржи пред Собранието на Македонија во 11 часот од каде ќе ја повикаат Владата и работодавачите да преземат одговорност и итно да овозможат зголемување на платите во приватниот сектор
Пешевски посочи дека илјадници работници во текот на месецот пријавуваат прекршување на право од работен однос и неисплатена плата согласно закон или колективен договор

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) бара повисоки плати и подобри услови за работниците во приватниот сектор.
Потпретседателот на ССМ за приватен сектор, Иван Пешевски, денеска ја истакна клучната улога на овој сектор во економијата, но и неопходноста од значителни промени за привлекување и задржување квалификуван кадар и млади луѓе.
„За овие две работи потребни се достоинствени односно безбедни услови за работа и повисоки плати. Повисоки плати не се 500 евра плата туку 500 евра минимална плата која ќе се множи со коефициентот на сложеност за да платите во овој сектор надминат 50 и 60 илјади денари. Онолку колку што минимум треба да земаат вработените во приватниот сектор особено вработените во трудоинтензивните дејности“,
рече тој.
Барањето на ССМ се однесува на сите работодавачи во приватниот сектор, а посебно на оние кои неодамна изразија загриженост поради недостаток на работна сила.
„Уште повеќе ќе недостасува доколку не зголемите плата“,
порача Пешевски.
Тој додаде дека иако постои мал процент на работодавачи кои ги почитуваат законите и колективните договори, тие се исклучок од правилото.
Пешевски потсети дека ССМ активно работи во обезбедување правна заштита на работниците, информирајќи дека во текот на 2024 година, бесплатна правна помош и заштита добиле 12 234 работници.
Тој се осврна и на притисоците и нападите со кои се соочуваат членовите на синдикатот, особено во периодот додека се разгледува нивното барање за репрезентативност на државно ниво. Пешевски апелираше до работниците да не подлегнуваат на ваквите притисоци за отчленување и фаворизирање на други синдикати кои, според него, не бараат зголемување на платите и поради тоа се „омилени“ на владата.
Од ССМ ги повикаа сите работници на првомајски протест кој ќе се одржи пред Собранието на Македонија во 11 часот од каде ќе ја повикаат Владата и работодавачите да преземат одговорност и итно да овозможат зголемување на платите во приватниот сектор.
На новинарско прашање како ќе се реализира нивното барање кога во приватниот сектор платата не се пресметува со коефициенти туку со договор меѓу работодавачот и работникот, Пешевски рече дека и во овој сектор има општ колективен договор што важи за сите вработени без разлика дали се или не се членови на Синдикат.
„Плата по закон и колективен договор се исплаќа единствено кога ќе се помножи коефициент и таа плата што е утврдена кај тој работодавач. Во приватниот сектор има општ колективен договор што важи за сите вработени без разлика дали се или не се членови на Синдикат. Минималната плата или платата утврдена во колективен договор единствено мора да се пресметува со коефициент. Оние народски кажано ’ге шестки’ што ги прават газдите, тоа не се ни работодавачи, и исплаќаат плата во плик или исплаќаат плата договорена усно со некој работник, треба час поскоро да се охрабрат тие луѓе и да ги пријават“,
рече Пешевски.
Прашан дали ССМ знае за колкав број на работници станува збор кај кои не се почитуваат законските одредби, Пешевски рече дека немаат точна бројка, но посочи дека илјадници работници во текот на месецот пријавуваат прекршување на право од работен однос и неисплатена плата согласно закон или колективен договор.
„За жал. има и работодавачи кои имаат колективен договор, а не го почитуваат. Се повеќе има луѓе од приватниот сектор што се охрабруваат и секојдневно пријавуваат во ССМ“,
додаде тој.