Според соопштението на Ватикан, своето присуство на погребната церемонија го потврдиле вкупно 130 делегации
Околу 50 шефа на држави и десет владејачки монарси го потврдија своето присуство на погребот на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, кој ќе се одржи в сабота.

Според соопштението на Ватикан, своето присуство на погребната церемонија го потврдиле вкупно 130 делегации.
Според најавите, присутни ќе бидат принцот Вилијам, американскиот претседател Доналд Трамп, шпанскиот крал Фелипе Шести и кралицата Летиција, како и францускиот претседател Емануел Макрон.
Свое присуство на погребната церемонија најавија и бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, полскиот претседател Анджеј Дуда, украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Хавиер Милеи, претседателот на Аргентина (родната земја на папата Франциск), британскиот премиер Кир Стармер, како и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Церемонијата ќе почне во сабота во 10 часот на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“ во Ватикан, а по богослужбата телото на папата потоа ќе биде преместено во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим каде што ќе се одржи погребот. Тој ќе стане првиот папа кој ќе биде погребан надвор од Ватикан по повеќе од 100 години откако во својот последен тестамент изрази желба да биде погребан во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим.