Она што СДСМ го бара, рече Костова, е итна исплата на платите, одговорност за доцнењето и непочитувањето на законските обврски, како и обезбедување раст на минималната и просечната плата во чекор со трошоците за живот

Опозициската СДСМ денеска остро ја критикуваше Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја за неспособност поради доцнењето на платите на илјадници вработени во јавниот сектор.
Според потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, вработени во министерствата за култура и за економија и труд, Центрите за социјална работа, Пазарниот и Трудовиот инспекторат со недели чекаат на своите плати, кои требало да бидат исплатени во законскиот рок.
Она што СДСМ го бара, рече Костова, е итна исплата на платите, одговорност за доцнењето и непочитувањето на законските обврски, како и обезбедување раст на минималната и на просечната плата во чекор со трошоците за живот.
„Ова не е административен пропуст, ова е неспособност. Но, ова е и директно кршење на законските права на работниците и понижување на нивното достоинство, за што треба да има одговорност“,
рече Костова на денешната прес-конференција.
Таа ја повика Трудовата инспекција да изврши надзор во Министерството за економија и труд и да поднесе кривична пријава против министерот, исто како што постапува со други работодавци кои не исплаќаат плати.
„Ете до каде нè доведе власта на ДПМНЕ денес. Во Македонија веќе не се зборува за економски развој, не се зборува за поголеми плати, туку за тоа дали Владата воопшто ќе успее да исплати плати. Додека функционерите на ДПМНЕ уживаат во луксузи со папаја и манго, работниците се оставени без плати, без основна егзистенција. Тотална незаинтересираност на власта за граѓаните, за вработените, за македонскиот работник“,
додаде Костова.
Костова рече и дека Владата го одложува усогласувањето на платите и не ги почитува колективните договори, потсетувајќи дека околу 60 илјади вработени во јавниот сектор согласно Општиот колективен договор требало да добијат зголемена мартовска плата за 12,6 отсто.
Костова ја искритикува Владата затоа што, како што рече, одбива да ги покачи платите во различни сектори и да ја зголеми минималната плата на 500 евра, и покрај растот на цените и на сметките.
„Десет месеци што беа доволни да излезе на површина неспособноста, неодговорноста и целосната незаинтересираност на оваа влада за животниот стандард на граѓаните. Последните податоци покажуваат дека за да се покрие синдикалната минимална кошничка, потребни се речиси три минимални плати. Семејство со минимална плата не може да си дозволи ни храна, ни лекови, ни сметки. Тоа не е живот – тоа е борба за преживување“,
кажа Костова.