Украинскиот министер за надворешни работи Андреј Сибиха го оцени синоќешниот напад како особено ужасен, потврдувајќи дека во него загинале девет лица, а повеќе од 70 се повредени, меѓу кои и шест деца
Претседателот на Украина, Зеленски, соопшти дека ќе ја прекине посетата на Јужна Африка и планира веднаш да се врати во Украина поради нападот
Руските сили ноќеска истрелале најмалку 70 проектили и 145 беспилотни летала кон Украина, во еден од најмасовните напади врз земјата изминатите месеци, соопшти украинското воено воздухопловство. Главна цел, како што се наведува, бил главниот град Киев, каде што загинаа најмалку девет лица, а повеќе од 70 се повредени.

Во соопштение објавено на социјалната мрежа Телеграм, военото воздухопловство на Украина објави дека „откриле и следеле 215 воздушни цели на непријателот“. Во нападот, според овие информации, руските сили користеле и балистички и крстаречки ракети, од кои 112 биле соборени, објави АФП.
Во објавата се додава дека борбените авиони Ф-16 и „Мираж“ имале активна улога во одбивањето на нападот, при што украинските пилоти собориле „десетици“ проектили.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, исто така, во објава на Телеграм синоќешниот напад го оцени како особено ужасен. Тој потврди дека во него загинале девет лица, а повеќе од 70 се повредени, меѓу кои и шест деца.
Бруталните напади, додаде тој, покажуваат дека Русија, а не Украина е пречка за напорите за постигнување мировно решение за конфликтот, осврнувајќи се притоа на барањата на Москва Украина да се повлече од териториите окупирани од руските сили.
„Вчерашните руски максималистички барања Украина да се повлече од нејзините региони, во комбинација со овие брутални напади, покажуваат дека Русија, а не Украина, е пречката за мирот. Москва, а не Киев, е местото каде што треба да се изврши притисок. (Владимир) Путин со своите постапки, а не со зборови покажува дека не почитува никакви мировни напори и дека сака само да ја продолжи војната. Слабоста и отстапките нема да ги спречат неговите терор и агресија. Само сила и притисок ќе го направат тоа“,
наведе Сибиха, пренесе „Гардијан“.
Украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко изјави дека во тек е голема спасувачка операција во областа Свјатошински во Киев, во која учествуваат кучиња трагачи и инженерски тимови.
„Под урнатините се слушаат како ѕвонат мобилните телефони. Потрагата ќе продолжи додека не се извлечат сите. Имаме информации за две деца кои не можат да се најдат на местото на инцидентот“,
рече тој.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој денеска пристигна во посета на Јужна Африка, во ажурирана објава на социјалните мрежи наведе дека ќе го информира претседателот на земјата, Кирил Рамафоза, за ситуацијата во Украина и потребата од интензивирање на глобалните дипломатски напори.
Зеленски информира дека средбата со Рамафоза планирана за денеска претпладне ќе се одржи, но планираните активности од пошироката агенда од посетата на Јужна Африка ќе бидат прекинати бидејќи има намера веднаш да се врати во Украина поради синоќешниот напад.

Зеленски вели дека поминале 44 дена откако Украина „се согласи на целосен прекин на огнот“ предложен од САД, но Русија „продолжува да убива луѓе и да избегнува силен притисок и одговорност за тоа“.
„Многу е важно сите во светот да видат и да разберат што навистина се случува. Запирање на нападите е неопходно веднаш и безусловно. Сметаме и на помош во врска со хуманитарните прашања, за враќање на нашите заробеници и украинските деца киднапирани од Русија“,
рече тој.
Украинскиот претседател додаде дека ќе побара од партнерите да ѝ помогнат на Украина да ја зајакне својата воздушна одбрана за да се заштити од понатамошни напади.
Инаку, вчера американскиот претседател Доналд Трамп го обвини украинскиот лидер оти со изјавите дека Киев нема да ја признае руската окупација на Крим само го прави потежок патот за постигнување мировен договор.
Според американскиот претседател, Крим е изгубен пред повеќе години и веќе „не е ни точка за дискусија“.