За тоа со кого ќе ја продолжат соработката, пратеникот во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на ТВ Сител рече дека ќе се водат од интересот на партијата и на нејзините гласачи
Првиот момент кога Мицкоски ќе даде сигнал дека местото на Алијанса за Албанците не е во Владата, ние веднаш ќе излеземе, вели пратеникот Халил Снопче.

Пратеникот од крилото на Алијанса за Албанците на министерот за здравство Арбен Таравари, ова го кажа одговарајќи на хипотетичко прашање како ќе постапат доколку премиерот Христијан Мицкоски го поддржи ставот дека не е возможно Алијанса да соработува со ДУИ и истовремено да биде дел од Владата.
„Ако се навратиме на историјата, јас во една емисија еднаш реков дека ако Законот за бранители се донесе во ова Собрание или ако се чепка Законот за јазиците, ВЛЕН ќе ја напушти Владата; Мицкоски утреденета реагираше велејќи ‘нека им е среќен патот’. Јас не се пишманев, ја повторив таа моја изјава. Ако има некои точки за кои нема компромис, се разбира. Во име на ВЛЕН сега не можам да зборувам, додека во име на Алијанса за Албанците зборувам со сигурност. Значи има некоја црвена линија до која можеме да одиме. Ако се помине таа црвена линија, нормално…“,
рече Снопче во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на ТВ Сител.
Сепак, како што додаде, тоа се замислени, имагинарни ситуации и нагаѓања и дека една комуникација на Таравари со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не значи дека веќе е договорена соработка.
За тоа дали и со кого ќе ја продолжат соработката, пратеникот вели дека ќе се водат од интересот на партијата и на нејзините гласачи.
„Било која соработка за којашто ние ќе констатираме дека е во интерес на Алијанса за Албанците и во интерес на нејзините гласачи е отворена, се разбира“,
кажа тој.
Прашан кога ќе се знае дали крилото на Алијанса за Албанците ќе остане во Владата, Снопче не одговори прецизно.
„Владеењето е партнерство. Однос на сили, не однос на моќ. Ние како партија која е дел од коалицијата ВЛЕН сме дел од Владата. Ние сме ветиле нешто кон граѓаните и ние имаме одговорност, ние сме презеле некоја одговорност, сме дале некои ветувања што треба да ги реализираме и сега не можеме да речеме веќе не играме“,
рече тој.
Додаде дека во Владата ќе останат сè додека нивните партнери сметаат оти нивното место е во извршната власт.
Прашан на кои партнери мисли, Снопче првин се осврна на оние од ВЛЕН, за кои рече дека во последно време зборуваат сè и сешто, а потоа конкретно го посочи партнерството со ВМРО-ДПМНЕ.
„Се разбира од ВЛЕН, иако тие кажуваат сè и сешто и не се свесни што кажуваат. Значи, партнерството со ВМРО-ДПМНЕ, се разбира. Ние сме ветиле нешто и да видиме. Значи ако ние како одговорна партија застанеме пред нашите ветувања, ние ќе видиме дали има можност заеднички да оствариме дел од ветувањата“,
повтори тој.
Сепак, надоврзувајќи се на ова, тој рече дека нема по секоја цена да останат во Владата, но и дека не сакаат да придонесат за криза во Владата.
„Ние нема да правиме по секоја цена да останеме во Владата, но не сакаме да придонесеме и за криза во Владата. Ако евентуално Алијанса за Албанците е надвор од Владата, се поставува прашање дали ќе одиме на предвремени парламентарни избори“,
рече Снопче.

На почетокот на интервјуто, прашан дали тој лично сега, откако е јасно дека Алијанса за Албанците на Таравари веќе не е дел од коалицијата „Вреди“, е пратеник на владејачкото мнозинство или на опозицијата, Снопче рече дека е пратеник на ВЛЕН, бидејќи ниту тие како партија, ниту нивните партнери од ВЛЕН не донеле одлука за меѓусебно разидување.
Претходно денеска од кабинетот на премиертот Мицкоски за МИА изјавија дека тој има редовна комуникација со членовите на Владата и го повториле ставот дека средба поврзана со прашањето дали министерот за здравство Арбен Таравари и неговото крило на Алијанса за Албанците ќе останат во Владата се очекува да има по 1 мај.
Денеска и вицепремиерот и министер задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, изјави дека членовите на Владата од Алијанса за Албанците засега остануваат во владиниот тим и дека нивната работа во извршната власт продолжува нормално.
Тој рече дека наредните денови се очекува премиерот Христијан Мицкоски да има одделни средби со коалициските партнери Алијанса за Албанците, ВЛЕН и ЗНАМ.
Прашан како Алијансата за Албанците на Таравари ќе настапи на локалните избори, односно дали ќе коалицира со опозициските партии, Фетаи потенцира дека во оваа фаза не сака да прејудицира и оти нивната партија ќе најде решение за најдобрата понуда за граѓаните.
Денеска првиот вицепремиер Изет Меџити рече дека вчера имале владина седница на која не присуствувал министерот за здравство Арбен Таравари, но бил вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој е од редовите на Алијанса за Албанците.
Меџити денеска повторно го повика својот коалициски партнер, министерот Арбен Таравари, да одлучи дали ќе соработува со Демократската унија за интеграција (ДУИ) или ќе остане во ВЛЕН и во Владата.
Прашањето за местото на Алијанса за Албанците во Владата се отвори по несогласувањата со останатите партнери во коалицијата ВЛЕН, односно по одлуката на Алијанса на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници.