Таа нагласи дека засега нема знаци на добра волја од страна Русија за остварување на овие предуслови, па затоа пакетот санкции останува во сила и ЕУ продолжува да работи на тоа да го спречи нивното заобиколување

Еден од главните предуслови за олеснување или укинување на санкциите на Европската Унија кон Русија е прекин на руската неиспровоцирана и неоправдана инвазија врз Украина и безусловно повлекување на сите руски сили од целата украинска територија, порача денеска заменичката главна портпартолка на Европската комисија, Аријана Подеста.
„Санкциите се во сила затоа што Русија започна агресија врз Украина. Прво и основно, Русија мора да ја запре нејзината агресија. Многу е едноставно да се стави крај на војната. Русија мора да ги повлече своите сили и да ѝ ги врати окупираните територии на Украина. Тоа е почетната точка“,
изјави Подеста одговарајќи на новинарско прашање, дали во рамките на поддршката на мировните преговори за Украина, ЕУ планира олеснување на своите санкции кон Русија.
Таа нагласи дека засега нема знаци на добра волја од страна Русија за остварување на овие предуслови, па затоа пакетот санкции останува во сила и ЕУ продолжува да работи на тоа да го спречи нивното заобиколување.
„Изнаоѓаме нови начини преку кои можеме да ги ограничиме ресурсите достапни за Русија во нејзината војна против Украина и ќе продолжиме да го правиме тоа се додека не биде обезбеден траен мир за Украина“,
додаде Подеста.
Портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие потсети дека ЕУ веќе воведе 16 пакети санкции кон Русија, кои вклучуваат широк спектар на мерки и сега работи на нов пакет насочен кон ограничување на можностите за финансирање на војната.
Тој додаде дека Европската комисија ги поздравува сите напори за мир во Украина во согласност со Повелбата на ОН и продолжува со своите дипломатски активности во тој правец на сите нивоа.
Во однос на предлозите, во замена за мир Украина да се откаже од делови на нејзината територија што се под руска окупација, вклучително и од Кримскиот Полуостров, Мерсие изјави дека за ЕУ од клучно значење е зачувување на украинската независноста, суверенитет и територијален интегритет. Кога станува збор за Крим, посочи Мерсие, позицијата на Унијата е јасна, дека тој е дел од Украина.
„Наш приоритет е да осигураме зајакнување на позицијата на Украина и продолжуваме да ја зголемуваме нашата воена поддршка за Украина. Земјите членки се обврзаа на поддршка од 23 милијарди евра за набавка на муниција оваа година и веќе остварија две третини од оваа обврска“,
рече Мерсие.