Тројца од нив ќе бидат пренесени на Клиниката за пулмологија, а другите двајца на Клиниката за пластична хирургија и во Хируршката клиника „Свети Наум Охридски“
Пет пациенти повредени во пожарот во Кочани денеска се враќаат во земјава од лекување во Србија. Согласно протоколот, тројца од нив ќе бидат пренесени на Клиниката за пулмологија, а другите двајца ќе бидат пренесени на Клиниката за пластична хирургија и во Хируршката клиника „Свети Наум Охридски“ во Скопје.

Од Министерството за здравство информираат дека во текот на вчерашниот ден во земјава се вратил пациент што бил на лекување во Хрватска. Тој во моментов е под опсервација на Клиниката за пластична хирургија.
На лекување во странство во моментов остануваат 38 од пациентите повредени во пожарот во Кочани, а во земјава се лекуваат седум пациенти.
„Во Хируршката клиника ‘Свети Наум Охридски’ се хоспитализирани вкупно четири пациенти, на Клиниката за пластична хирургија еден пациент, а во приватната болница ‘Систина’ двајца пациенти“,
информираат од Министерството за здравство.
Од Министерството наведуваат дека континуирано ја следат состојбата со повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман и натамошна рехабилитација.