Според најавите, погребната миса ќе се одржи на отворено, на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“ во Ватикан. Телото на папата потоа ќе биде однесено во базиликата „Свети Петар“, а оттаму и во базиликата „Санта Марија Маџоре“ каде што ќе се одржи самиот погреб, според желбата на папата
Погребот на папата Франциск ќе се одржи в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време, објави Ватикан.

Според најавите, погребната миса ќе се одржи на отворено, на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“ во Ватикан. Службата ќе ја води деканот на Колеџот за кардинали, кардиналот Џовани Батиста Ре, а ќе сослужуваат патријарси, кардинали, архиепископи, бискупи и свештеници од целиот свет.
Телото на папата потоа ќе биде однесено во базиликата „Свети Петар“, а оттаму и во базиликата „Санта Марија Маџоре“ каде што ќе се одржи самиот погреб, според желбата на папата.
В среда телото на папата ќе биде пренесено од капелата во резиденцијата „Санта Марта“, каде што е во моментов, до базиликата „Свети Петар“, за верниците да може да му оддадат последна почит. Обредот на пренесување на телото ќе започне во 9 часот, а ќе го предводи кардиналот Кевин Фарел. Поворката ќе помине низ плоштадот „Санта Марта“ и плоштадот на римските првомаченици. Поворката ќе продолжи преку сводот на камбаните на плоштадот „Свети Петар“ и ќе влезе во ватиканската базилика преку централната врата.
Ватикан денеска објави фотографии и видеа од телото на папата Франциск кое е изложено во ковчег во резиденцијата „Санта Марта“ каде што престојуваше за време на својот понтификат.