„Кога државните институции почнуваат да го игнорираат или релативизираат едно од најважните достигнувања на Охридскиот рамковен договор – службената употреба на албанскиот јазик – се испраќа опасна порака за иднината на државната кохезија и меѓуетничкиот соживот“, велат од ДУИ
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) денеска повторно обвини за, како што велат, систематското непочитување на албанскиот јазик во државата.

Од партијата на Али Ахмети досега во неколку наврати излегоа со обвинувања за дискриминација и маргинализирање на Албанците од страна на актуелната власт. Овој пат оттаму велат дека се длабоко загрижени поради непочитување на албанскиот јазик на официјалните веб-страници на министерствата на Владата на Република Северна Македонија.
Според опозициската партија, содржини на албански јазик недостигаат на веб-страниците на Министерството за енергетика, Министерството за транспорт и Министерството за внатрешни работи, како и на други институции.
Оттаму оценуват дека ваквиот случај не е само кршење на Законот за употреба на јазиците, туку и намерно исклучување на Албанците од пристапот до јавни информации.
„Во некои случаи, задржани се само старите двојазични формати од претходната влада, но суштинските содржини, документите и клучните информации се објавуваат исклучиво на македонски јазик. Станува збор за опасен тренд што оди подалеку од техничка негрижа – ова е институционална политика која го ограничува практичното користење на албанскиот јазик и ги поткопува темелите на меѓуетничката еднаквост во државата“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Овие појави, додаваат од партијата, се случуваат во време кога, според неа, се прават обиди да се доведат во прашање клучните одредби од Законот за јазиците пред Уставниот суд.
„Кога државните институции почнуваат да го игнорираат или релативизираат едно од најважните достигнувања на Охридскиот рамковен договор – службената употреба на албанскиот јазик – се испраќа опасна порака за иднината на државната кохезија и меѓуетничкиот соживот“,
велат од ДУИ.
Оттаму се осврнуваат и на улогата и случувањата во коалицијата ВЛЕН, која е дел од Владата, обвинувајќи дека во момент кога се случуваат сериозни процеси, тие се зафатени со внатрепартиски караници.
„Албанските партнери во Владата се зафатени со внатрепартиски караници за претседател на ЛЕН, иако секој од нив е со помалку од 1 процент поддршка од граѓаните, и молчат пред овој удар врз правата на албанските граѓани. Со оваа тишина, тие не само што ја легитимираат оваа политика, туку стануваат дел од проблемот“,
велат од ДУИ.
Од Мала Речица упатуваат повик до институциите да го почитуваат законот и Уставот и да го запрат, како што велат, јазичниот дискриминациски курс.
„Албанците нема да прифатат да бидат третирани како граѓани од втор ред. Јазичната еднаквост не е привилегија – таа е право“,
порачуваат од опозициската партија.