Родителите бараат правда за нивните починати деца велејќи дека ако институциите навремено си ја вршеле работата немало до дојде до оваа трагедија
Држејќи фотографии од загинатите деца, родителите и семејствата на настраданите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс” во Кочани денеска нешто после пладне одржаа протестен марш под мотото „Задоцнета реакција“.

Маршот почна од Паркот на револуцијата, а потоа насобраните се движеа кон Трговскиот центар, зградите на Општината, полицијата и завршија пред зградата на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани.
Во прв ред чекореа родителите држејќи фотографии од своите деца што загинаа во пожарот.
На транспарентот што го предводеше протестот пишуваше:
„Пулс од 2012 до 2025, истрага од 2025 до 2038, судење од 2038 до ???“.

На други транспаренти пишуваше:
„Стоп за селективна правда, Коруптивниот систем ни ги уби децата“.

Родителите порачаа дека нивните деца се убиени од алчноста на поединци, но и дека правдата мора да излезе на виделина.
Ова е трет протестен марш што се одржува во организација на семејствата на настраданите во пожарот во Кочани.
На последниот марш, одржан на 12 април, тие искажаа незадоволство од задоцнетата реакција на надлежните институции.
Јавното обвинителство сомничи голем број лица што биле на позиција во различни институции од 2012 година до денот на пожарот – 16 март 2025 година. Тоа досега резултира со 59 лица и три фирми опфатени со истрагата.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи рано изутрина на 16 март, животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте.