Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, денеска рече оти за партијата е неприфатлив за партнерство секој што зад отворени или затворени врати соработува со нереформираната Демократска унија за интеграција (ДУИ)
Превирањата во коалицијата ВЛЕН не се закана за владејачкото мнозинство, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, посочувајќи дека Владата е стабилна по одлуката на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари на локалните избори да оди со свои советнички листи.
„Со самиот факт што ЗНАМ и коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ обезбедуваат мнозинство од 64 пратеници и дополнително пратениците во коалицијата ВЛЕН, од каде ја поддржуваат Владата“,
вели тој.

Посочи дека во моментов владината коалиција функционира тековно и без никакви застои.
Раководството на Движењето ЗНАМ вчеравечер одржало седница на Извршниот одбор, на која се разговарало за актуелната политичка состојба во коалицијата ВЛЕН.
„Партијата смета дека случувањата во коалицијата ВЛЕН се нивно внатрешно прашање“,
вели Мемов.
Според него, за ЗНАМ не е прифатлива соработката со актуелни, поранешни и идни функционери, пратеници и членови од редовите на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), за кои има индиции дека учествувале или се дел од организираниот криминал и корупција во државата.
Додаде и дека за партијата е неприфатлив за партнерство секој што зад отворени или затворени врати соработува со нереформираната Демократска унија за интеграција (ДУИ).
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе побараат оставка или разрешување на министерот за здравство Арбен Таравари, кој како дел од Алијанса за Албанците е во коалицијата ВЛЕН, Мемов не даде конкретен одговор, туку рече дека тоа е во надлежност на премиерот Христијан Мицкоски.
Претседателот на движењето Беса, кое е дел од коалицијата ВЛЕН, Билал Касами, денеска изјави дека нема да има криза во владината коалиција по одлуката на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари на локалните избори да оди со свои советнички листи.
Лидерите и високи функционери на коалицијата ВЛЕН вчера одржаа состанок кој дојде откако претходниот ден крилото на Алијанса за Албанците на Таравари донесе одлука на локалните избори да оди со свои советнички листи, а да остане дел од коалицијата.
Лидерот на Демократско движење, кое е дел од ВЛЕН, Изет Меџити, вчера по состанокот рече дека одлуката на АА е донесена во интерес на ДУИ, чија суштина јавноста многу бргу ќе ја разбере.