Интервјуто на Зеленски е снимено пред вчерашниот руски ракетен напад врз украинскиот град Суми, во кој загинаа 34 лица – меѓу кои има и деца, а повредени беа 117

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го покани американскиот колега Доналд Трамп да ја посети неговата земја пред да има каков било договор со Русија за ставање крај на војната.
„Ве молам, пред какви било одлуки, какви било форми на преговори, дојдете да видите луѓе, цивили, воини, болници, цркви, деца уништени или мртви“,
вели Зеленски во интервју за Си-би-ес.
Интервјуто на Зеленски е снимено пред вчерашниот руски ракетен напад врз украинскиот град Суми, во кој загинаа 34 лица – меѓу кои има и деца, а повредени беа 117.
Зеленски, на својот фејсбук-профил, објави снимка од последиците од нападот и напиша дека во тек се напори за нивно отстранување, а во спасувачката операција вклучени се сите потребни служби.
„68 лица повредени во нападот во моментов се во медицинските установи, од кои 8 се во тешка состојба. Лекарите прават сè што е можно за да спасат животи и да го зачуваат здравјето на повредените“,
пишува Зеленски.
Според Зеленски, потребна е остра реакција од светот и притисок врз Русија за ставање крај на војната.
„Многу е важно за сите во светот да не молчат, да не останат рамнодушни. Руските штрајкови заслужуваат само осуда. Потребен е притисок врз Русија да стави крај на војната и да гарантира безбедност на луѓето. Без навистина силен притисок, без соодветна поддршка на Украина, Русија ќе продолжи да ја влече оваа војна“,
додава Зеленски.
Како што потврдија вчера украинските власти, бил погоден тролејбус, а нападот бил извршен со балистичка ракета „искандер-М“.
Деловите од Суми погодени во нападот утринава се во близина на три театри, универзитетска болничка клиника, конференциски центар, фитнес-сала и концертна сала. Нема воени цели во погодената област во рамките на познатата зона на прецизност на ракетата „искандер-М“, која се проценува на 30-70 метри, што, според украински медиуми, укажува на тоа дека станува збор за намерен напад на цивили.