ОЈО Кочани потврди дека истражната постапка е проширена со нови 19 осомничени што заедно со претходно осомничените 27 (односно 26 по смртта на еден од нив) и седумтемина полициски службеници за кои се води издвоена постапка во ОЈО ГОКК, значи дека вкупниот број на опфатени со истрагата за трагедијата е 52-ца
„Меѓу новите осомничени се овластени градежни инспектори во општина Кочани, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, министри за економија, државни секретари и други службени лица од тоа министерство, како и инспектори од Државниот пазарен инспекторат“, соопшти ОЈО Кочани

Основното јавно обвинителство Кочани информираше дека денеска е донесена наредба за проширување на истрагата за пожарот во кочанското кабаре „Пулс“ за нови 19 лица.
Според Обвинителството, сите тие се осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Ова се истите дела за кои се осомничени и претходните 34 лица опфатени со истрагата при нејзиното отворање на 21 март.
„Станува збор за службени лица, кои во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, заеднички но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери. Меѓу новите осомничени се овластени градежни инспектори во општина Кочани, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, министри за економија, државни секретари и други службени лица од тоа министерство, како и инспектори од Државниот пазарен инспекторат“,
соопшти денеска Обвинителството.
Како што претходно денеска објави „360 степени“, приведени се поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири, кадри на ДУИ, како и актуелниот министер без ресор и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Шабан Салиу, а меѓу уапсените е и актуелниот директор на ДЗС, Џеват Селами, кадар на ВЛЕН.
Како што соопшти Обвинителството, постојат сомненија дека незаконитите дејствија и пропусти на осомничените во континуитет довеле до тоа кабарето „Пулс“ во Кочани од самиот почеток, во подолг временски период, па се до настанувањето на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот.
„Како резултат на тоа, при користење на пиротехнички средства на 16.3.2025 година за време на настапот на музичката група ДНК, бил предизвикан пожар во кој настапила смрт на 61 лице меѓу кои 6 деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца“,
пишува во соопштението на ОЈО Кочани.
Денеска Обвинителството до Основниот суд во Кочани ќе достави предлози за определување соодветни мерки за обезбедување присуство на секој од новоосомничените.
„Со ова, до овој момент, кочанското Обвинителство во врска со пожарот поведе истрага против вкупно 45 физички и три правни лица. Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на медицинската документација, постапката за него ќе биде запрена“,
велат од ОЈО Кочани.
Меѓу новоосомничените е и Дритон Кучи, кој е поранешен министер за економија како кадар на ДУИ, а во моментов е амбасадор на земјава во Кралството Норвешка.
Тој се огласи на својот фејсбук-профил по информацијата дека полицијата го бара како осомничен во истрагата за пожарот во Кочани. Напиша дека верува во правдата и дека со првиот лет ќе се врати во Скопје.
„Денес семејството ме информираше дека претставници на Министерството за внатрешни работи биле во мојот дом во Скопје, барајќи информативна средба. Немам што да кријам и секогаш сум одлучувал да постапувам со чесност и смиреност, дури и кога околностите биле тешки. Секогаш сум избирал да одам по прав пат, дури и кога тој бил најтежок. Зборував кога другите молчеа и стоев исправен дури и кога се чувствував сам. Верувам во правдата за општото добро. Со првиот лет ќе бидам во Скопје – не за да се оправдам, туку за да потврдам дека транспарентноста и довербата се единствениот пат напред. Тука сум. Со мирна совест, чист пред себе, со непоколеблива волја – пред Бога и пред законите на државата!“,
напиша Кучи.
Во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција се води одвоена истражна постапка за седуммина полициски службеници, со што вкупниот број на осомничени досега изнесува 52 лица.