Тројца пациенти, кои досега беа хоспитализирани во бугарски медицински центри, се пуштени на домашно лекување од болниците во Пловдив и Варна, пренесе денеска бугарската новинска агенција БТА

Седум повредени лица од пожарот во Кочани, кои беа на лекување во Виена, Анкара, Мадрид, Варшава, Марибор, Атина и Солун, денеска ќе се вратат во земјава.
Од Министерството за здравство информираат дека во медицинските центри во странство на лекување ќе останат 48 пациенти.
Во однос на здравствената состојба на пациентите што се лекуваат во странство, од Министерството велат дека таа останува непроменета, вклучително и на критичните пациенти.
Тројца пациенти, кои досега беа хоспитализирани во бугарски медицински центри, се пуштени на домашно лекување од болниците во Пловдив и Варна, пренесе денеска бугарската новинска агенција БТА.
Еден од пациентите бил хоспитализиран на Универзитетската болница „Свети Ѓорѓи“ во Пловдив, а двајца на Воено-медицинската академија во Варна.
Во болницата во Варна на лекување останува уште еден пациент, а во софиската болница „Пирогов“ се уште четворица повредени.
Во болниците во земјава, пак, во моментот се лекуваат седум пациенти, од кои четворица во хируршка клиника „Св. Наум Охридски”, еден на Клиника за пластична хирургија, како и двајца пациенти во приватната болница „Систина”.