Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, дел од коалицијата ВЛЕН, денеска најави оти претседателите на четирите партии во состав на коалицијата вечерва ќе одржат состанок на кој се очекува да разговараат за нејзиното натамошно дејствување
Максимално сме посветени да ги задржиме сите партнери внатре во ВЛЕН, рече денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој е кадар на Алтернатива, одговарајќи на новинарско прашање што очекува од денешната лидерска средба во рамки на коалицијата.

„И од она што веќе го изјавиле лидерите, може да се заклучи дека сме максимално посветени да ги задржиме сите партнери внатре во ВЛЕН. Апсолутно сме отворени, процесот на соработка не го гледаме како статистичка операција или процент кој колку зема, туку како надеж која треба да се артикулира за да продолжи промената и понатаму. Затоа нашите очекувања се големи, како и подготвеноста да продолжиме и понатаму заедно“,
вели Муртезани на прес-конференцијата со неговиот унгарски колега Јанеш Бока.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој е дел од коалицијата ВЛЕН, денеска најави оти претседателите на четирите партии, во состав на коалицијата вечерва ќе одржат состанок на кој се очекува да разговараат за нејзиното натамошно дејствување.
Посочи дека лидерите на четирите партии во ВЛЕН, како Биљал Касами, претседателот на Беса, Зеќирија Ибрахими на Алтернатива, Изет Меџити на Демократско движење и тој се во постојана комуникација во однос на натамошното политичко дејствување.
„Во ВЛЕН продолжуваме со разговори. Вечерва имаме состанок, сите четири претседатели на партии, континуирано имаме комуникација, се надевам дека работните групи ќе продолжат да работат и дека ќе изнајдат најдобро можно решение, кое нема да биде фрустрирачко или демотивирачко за партиите, кои се дел од ВЛЕН“,
рече тој.
Таравари, во настап во емисијата „360 степени“, јавно го критикуваше функционирањето на коалицијата и нивната ефикасност во Владата. Отиде дотаму што кажа и дека дел од директорските, па и министерските позиции, не се пополнети со соодветни кадри.
Тоа само ги засили шпекулациите дека не се во прашање само локалните избори, туку дека е можен распад на коалицијата на партии на Албанците кои се во Владата. Па дури и дека Таравари договара соработка со ДУИ.