Сепак, аналитичарите од оваа индустрија велат дека финансиското влијание најверојатно ќе биде минимално бидејќи повратот на холивудските благајни во Кина значително е намален во последниве години
Официјален Пекинг соопшти дека ќе го ограничи увозот на холивудски филмови како одмазда за ескалацијата на американските тарифи од страна на претседателот Доналд Трамп за увезената кинеска стока, пренесе Ројтерс.

Кина, која со најновите пресметки на Белата куќа, се соочува со царини од 145 отсто на нејзиниот извоз во САД, покрај други контрамерки се реши да возврати и со „удар“ врз еден од најпознатите американски извозни производи.
Сепак, аналитичарите од оваа индустрија велат дека финансиското влијание најверојатно ќе биде минимално бидејќи повратот на холивудските благајни во Кина значително е намален во последниве години.
По три децении во кои Кина увезуваше по 10 холивудски филмови годишно, Националната филмска администрација (НФА) на Кина рече дека тарифните дејства на Трамп дополнително ќе ја влошат домашната побарувачка за американски филмови.
„Ќе ги следиме пазарните правила, ќе го почитуваме изборот на публиката и умерено ќе го намалиме бројот на американски филмови кои се увезуваат“,
објави НФА на својата веб-страница.
Холивудските студија некогаш гледаа кон Кина, која е втор по големина филмски пазар во светот, како можност за зголемување на своите приходи на кинеските благајни.
Холивудските филмови сочинуваат само 5 проценти од вкупните приходи на кинеската благајна. А холивудските студија добиваат само 25 проценти од продажбата на билети во Кина, што е двојно помалку во споредба со она што добиваат на другите пазари, велат познавачите на кои се повикува Ројтерс.
Прашан за ограничувањата на Кина во врска холивудските филмови, американскиот претседател, искоментира дека слушнал и за полоши работи.