Инаку, ова не е прва смртоносна хеликоптерска несреќа во Њујорк во која страдаат туристи. Во 2018 година туристички хеликоптер се урна во Ист Ривер и во неа загинаа сите пет патници. Преживеа само пилотот. Во 2009 година, хеликоптер со италијански туристи се судри со приватен авион над реката Хадсон, при што загинаа девет лица
Шест лица, меѓу кои три деца, загинаа откако хеликоптер со туристи се урна во реката Хадсон во Њујорк, соопштија локалните власти, пренесува Би-би-си.

Според информациите, станува збор за петчлено семејство од Шпанија, а шестото загинато лице е пилотот на хеликоптерот, изјави градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, за новинарите во четвртокот.
„Нашите срца се со семејствата на загинатите “,
рече Адамс.
Комесарката на њујоршката полиција Џесика Тиш изјави дека идентитетот на жртвите нема да биде објавен додека не бидат известени семејствата за трагедијата.
Причините за несреќата и понатаму остануваат непознати и во тек е истрага која треба да утврди што се случило со хеликоптерот.
На видеоснимката од инцидентот се гледа како хеликоптерот се превртува, а потоа паѓа и се распаѓа во реката Хадсон.
BREAKING VIDEO: Moment of deadly helicopter crash in the Hudson river; 4 people were reportedly on-board
— Breaking911 (@Breaking911) April 10, 2025
pic.twitter.com/UKjocg6dmb
Официјални лица велат дека хеликоптерот ја изгубил контролата набргу откако свртел кај мостот „Џорџ Вашингтон“ и се упатил во правец кон брегот на Њу Џерси.
Хеликоптерот бил управуван од компанијата „Њујорк хеликоптерс“ (New York Helicopters) и полетал од центарот на „Скајспорт“ на Менхетен во 14:59 часот по локално време, односно 20:59 часот според средноевропско време.
Првите повици во врска со несреќата биле примени околу 15:17 часот, според локално (21:17 според средноевропско време, по што веднаш биле испратени бродови за спасување, изјавил комесарот на Њујоршката противпожарна служба, Роберт Такер.
„Нуркачите беа во вода набргу по повикот“,
рече тој.
Откако пристигнале на местото на несреќата, спасувачите веднаш почнале со пребарување на водите на реката во потрага по настраданите и евентуално преживеани, но напорите на крајот се покажале како залудни.
Телата на сите шестмина патници во хеликоптерот се пронајдени. Четири од жртвите биле прогласени за мртви на самото место, додека две лица биле пренесени во болница каде им подлегнале на повредите, соопштија официјални претставници.
Делот од реката каде што се урнал хеликоптерот е во близина на западната страна на Менхетен, област позната по своите модерни продавници. Местото е, исто така во близина на главниот кампус на Универзитетот во Њујорк.
Федералната управа за воздухопловство (FAA) соопшти дека истрагата за падот на хеликоптерот „бел 206“ со две елиси, ќе ја води Националниот одбор за безбедност на транспортот.
Во објавата на социјалните мрежи, американскиот претседател изјави дека станува збор страшна несреќа и дека наскоро ќе бидат објавени повеќе детали за тоа што се случило.
„Бог да ги благослови семејствата и пријателите на жртвите“,
напиша тој на неговата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social).
Хеликоптери од типот „бел 206“ најчесто се користат од компании за разгледување знаменитости, телевизиски станици и полициски служби.

Извршниот директор на компанијата „Њујорк хеликоптер чартер“ (New York Helicopter Charter Inc.“ Мајкл Рот за Си-ен-ен изјави дека е „уништен“ од несреќата.
„Јас сум татко, дедо и мојата сопруга не престанува да плаче“,
вели тој.
Прашан во врска со одржувањето на хеликоптерот, Рот изјави дека за тоа бил задолжен неговиот директор за одржување.
Очевидци на за Си-би-ес њуз изјавиле дека виделе делови од хеликоптерот како паѓаат од небото.
„Погледнав надвор од мојот прозорец. Видов неколку луѓе како трчаат кон водата, а некои луѓе се однесуваа прилично нормално. Помислив дека не е ништо. Потоа почнав да ги слушам сирените на спасувачките служби“,
изјавила жителка на Џерси Сити.
Друга жителка на Џерси Сити изјавил дека слушнал звук кој наликувал на удар на гром.
Инаку, ова не е прва смртоносна хеликоптерска несреќа во Њујорк во која страдаат туристи. Во 2018 година туристички хеликоптер се урна во Ист Ривер и во неа загинаа сите пет патници. Преживеа само пилотот.
Во 2009 година хеликоптер со италијански туристи се судри со приватен авион над реката Хадсон, при што загинаа девет лица.