Тие, според Обвинителството, го убиле соселанецот удирајќи ги со мотика и друг предмет, а откако го ограбиле, телото го полеале со бензин и нафта и го запалиле, па го фрлиле во дупка покрај реката и го покриле со дрва и камења
Двајца браќа се осомничени за убиството на повозрасен жител на кривопаланечкото село Луке, дело што го извршиле од користољубие, соопшти денеска Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Оттаму информираат дека Основното јавното обвинителство Куманово донело наредба за спроведување истражна постапка против осомничените, на кои им се заканува казна затвор од најмалку 10 години до доживотна.
Имено, тие се товарат за убиство според член 123 став 2, точка 4 од Кривичниот законик, каде што се вели „со затвор од најмалку десет години или со доживотен затвор ќе се казни тој што друг ќе лиши од живот од користољубие, заради извршување или прикривање на друго кривично дело, од безобѕирна одмазда или од други ниски побуди“.
Осомничените браќа, на возраст од 20 и 25 години, според Обвинителството, брутално го убиле нивниот соселанец, од кого одзеле 6 000 денари, а уште побрутално се ослободиле од неговото тело.
Тие, според описот на нивните дејствија што ги сподели Јавното обвинителство, ноќта меѓу 24 и 25 март се договориле да извршат кражба во домот на жртвата.
Откако го разбудил и го извел надвор со изговор дека сака од него да купи ракија, помалиот брат го удрил соселанецот со мотика по главата, а потоа со брата си продолжиле да го влечат нанесувајќи му уште неколку удари со предмет.
„Со пребарување по џебовите од жртвата одзеле 6 000 денари кои си ги поделиле, по што ги пребарале куќата и помошните простории. На крај телото го полеале со бензин и нафта и го запалиле, па го фрлиле во дупка покрај реката и го покриле со дрвја и камења“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
По предлог на јавниот обвинител што го води случајот, Основниот суд во Куманово на осомничените браќа им одредил мерка притвор.
Претходно до расчистувањето на настанот, нивното присуство било обезбедено со користење на мерката краткотраен притвор од 48 часа.
За убиството минатата недела информираше Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што првично наведоа дека поради сомнеж дека го извршиле злосторството се уапсени три лица.
„На 01.04.2025 во 18.25 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка ги лишиле од слобода З.Ф. (24), С. Ф. (19) и С.Ф.(44) од село Луке, Кривопаланечко. Тие се сомничат дека го убиле Љ.С. (84) од село Луке, кој на 29.03.2025 бил пријавен за исчезнат“,
наведоа тогаш од МВР во соопштението на случајот.