Тој кон детето се однесувал агресивно и се обидел да го избрка од домот, по што во еден момент го фатил за дуксерот во делот на вратот, го повлекол и почнал да го исфрла кон ходникот
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка против 37-годишник од Скопје за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело насилство врз дете. Како што информираат од ОЈО, осомничениот на 5 април извршил физичко и психичко насилство спрема неговиот син роден во 2010 година.
Тој кон детето се однесувал агресивно и се обидел да го избрка од домот, по што во еден момент го фатил за дуксерот во делот на вратот, го повлекол и почнал да го исфрла кон ходникот. Потоа, како што додаваат од ОЈО, со рака го удрил во задниот дел од главата, со што му нанел повреда од која оштетеното дете почувствувало затемнување пред очите, вртоглавица и болка, а осомничениот продолжил насилно да го турка синот кон излезната врата од домот.
„Со оглед на тоа што осомничениот е претходно осудуван, а против него се води уште една постапка за телесна повреда нанесена при семејно насилство, јавниот обвинител оцени дека постои ризик од повторување на делото, како и околности кои укажуваат на опасност од бегство. Од тие причини, до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставен е предлог за определување мерка притвор“,
соопшти Обвинителството.