Посочи дека изминатите денови се водат разговори во рамките на коалицијата, сите субјекти да се претворат и претопат во „Вреди“, како политичка партија која ќе ги претставува Албанците на претстојните локални избори. Во однос на листите на претстојните локални избори, вели дека ставот на сите политички субјекти во коалицијата е да има една листа, еден штаб и една програма и платформа
Единствениот кој има дилеми и гледа можност за соработка со Демократската унија за интеграција (ДУИ) е Арбен Таравари, министерот за здравство и еден од лидерите во коалицијата „Вреди“, рече денеска вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити одговарајќи на новинарско прашање какви се односите меѓу политичките субјекти во коалицијата и дали очекуваат заеднички настап на претстојните локални избори.

„Односите со Арбен Таравари се добри и комуницираме. Но, сите треба да имаат в предвид дека ВЛЕН е антипод на ДУИ, односно коалиција што победи на претходните парламентарни избори и ја донесе долгоочекуваната промена во албанскиот кампус. Работиме на тоа таа промена да ја почувствуваат и граѓаните. Никој нема дилеми во коалицијата. Единствениот што има дилеми и гледа можност за соработка со ДУИ е господинот Таравари“,
рече Меџити.
Посочи дека изминатите денови се водат разговори во рамките на коалицијата, сите субјекти да се претворат и претопат во „Вреди“, како политичка партија која ќе ги претставува Албанците на претстојните локални избори.
„ВЛЕН ги доби гласовите на минатите избори, 107 илјади гласа, како антипод и предводник на промените во делот на албанскиот кампус. Така, што никој нема дилеми, освен Таравари. Но, ВЛЕН и соработка со ДУИ сметам дека е неприродно“,
вели тој.
Во однос на листите на претстојните локални избори, Меџити вели дека ставот на сите политички субјекти во коалицијата е да има една листа, еден штаб и една програма и платформа, со оглед на тоа дека веќе постои иницијатива за сите партии во рамки на коалициите да се претопат во една политичка партија.
„Се размислува дури и некаде каде што има анализа и проценка дека треба да излеземе и надвор од ВЛЕН и да поддржиме независен кандидат, и тоа ќе го направиме. Градоначалниците се избираат по мнозински модел, додека системот за листите ги фаворизира големите и нема никаква смисла кога веќе сме кај големите да преминеме кај малите бидејќи тоа ќе значи расцепување на гласови што ќе одат во прилог на ДУИ. И тогаш се поставува прашањето за кого работиме“,
кажа Меџити.
Според него, сите политички аргументи одат кон тоа да одат со заеднички листи и нема дилема дека „Вреди“ ќе има една листа, еден штаб и една програма.
Односите меѓу Арбен Таравари и лидерите на трите други партии кои го сочинуваат „Вреди“ и се заедно во владата предводена од Христијан Мицкоски се заострени во последните неколку недели.
Главна точка на конфликт е заедничкиот настап на претстојните локални избори.
Во неодамнешен настап на „360 степени“, Таравари јавно го критикуваше функционирањето на коалицијата и нивната ефикасност во Владата. Отиде дотаму што кажа и дека дел од директорските, па и министерските позиции, не се пополнети со соодветни кадри. Тоа само ги засили шпекулациите дека не се во прашање само локалните избори, туку дека е можен распад на коалицијата на партии на Албанците кои се во Владата. Па дури и дека Таравари договара соработка со ДУИ.