Говорејќи за односите помеѓу С Македонија и Грција, шефот на дипломатијата во интервју за грчкиот весник оценува дека македонската влада е цврсто посветена на одржување одлични односи со сите наши соседи, а трагедијата во Кочани уште еднаш покажала колку е важна оваа соработка
Поддршката и помошта што Грција ѝ ги даде на земјава, хоспитализирајќи голем број повредени по трагедијата во Кочани, е силен одраз на вистинското пријателство меѓу двете земји, што мора да продолжиме да го негуваме и градиме, вели министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за грчкиот весник „Та Неа“.

Во интервјуто, како што соопштија денеска од Министерството, шефот на македонската дипломатија, покрај за трагедијата во Кочани и поддршката што ја доби земјава, зборува и за билатералните односи меѓу С Македонија и Грција, регионалната стабилност и безбедност, како и за заедничките предизвици и приоритетите во рамките на НАТО.
Повторувајќи ја благодарноста до грчката влада и до грчкиот народ, тој посочува дека по пожарот во т.н. кабаре во Кочани европското единство повторно излегло на површина и оти Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија се покажал како клучен инструмент за справување со последиците од оваа катастрофа.
„Грчките болници ги примија првите пациенти евакуирани од нашата земја и продолжуваат да им обезбедуваат врвна нега. Поддршката во вакви моменти претставува силен одраз на вистинско пријателство меѓу нашите две земји – однос што мора да продолжиме да го негуваме и градиме“,
вели Муцунски.
Осврнувајќи се на билатералните односи, министерот ја истакнува средбата со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во септември лани 2024 година, како значаен чекор во зајакнувањето на дипломатскиот ангажман.
Според Муцунски, во оваа насока, постои голем потенцијал за проширување на соработката меѓу двете земји во области како трговијата, инфраструктурата и енергетското поврзување.
Но, како што додава, мора да ги продлабочиме и врските во економијата и културата, каде што, според него, меѓусебното разбирање и заедничкиот развој можат да создадат долгорочна доверба и просперитет.
„Поттикнување на деловни партнерства, туризам, студентски размени и културни програми може уште повеќе да ги приближи нашите народи. Како НАТО сојузници и непосредни соседи, имаме заеднички интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет – особено преку целосна регионална интеграција во Европската Унија“,
вели Муцунски.
Говорејќи за односите помеѓу двете држави, Муцунски во интервјуто оценува дека македонската влада е цврсто посветена на одржување одлични односи со сите наши соседи, а трагедијата во Кочани уште еднаш покажала колку е важна оваа соработка.
Во однос на актуелната геополитичка состојба и партнерството во рамките на НАТО, министерот посочува на значењето на единството меѓу сојузниците во услови на зголемени безбедносни предизвици.
„Единството останува темел на нашата заедничка стабилност и безбедност. Како членки на НАТО, сите носиме индивидуална и колективна одговорност за одржување на кохезијата и одбрана на вредностите што нѐ издвојуваат од авторитарните режими. НАТО и понатаму игра централна улога во обезбедувањето на безбедноста – не само за нашите две земји, туку и за поширокиот евроатлантски простор. Убеден сум дека оваа улога ќе остане клучна и во годините што доаѓаат. Соочени со сè покомплексни безбедносни предизвици, мора да пристапиме со единство. Колективната одбрана, отпорноста и одвраќањето се клучни за заштита на сите земји-членки. САД остануваат наш клучен сојузник и стратешки партнер. Ова партнерство се покажало многупати уште од нашата независност. НАТО обезбедува платформа за справување со суштински безбедносни прашања и за сите членки – вклучително и САД – да водат значајни консултации“,
вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија за „Та Неа“.
Во интервјуто тој говори и за претстојниот НАТО самит во Хаг, нагласувајќи дека земјите членки ќе имаат можност да ја оценат моменталната состојба и да донесат одлуки по клучни прашања, како инвестициите во одбраната, поддршка за Украина, регионални партнерства и стратешки предизвици.
„Убеден сум дека НАТО ќе биде подготвен да одговори на моментот и ќе продолжи да биде столб на нашата заедничка безбедност – посилен и пообединет во времето што доаѓа“,
заклучува Муцунски во интервјуто.