Во понатамошниот дел од судскиот процес, адвокатот Јовица Страшевски ќе продолжи да го брани Палевски

Адвокатот Марјан Витановски го откажа полномошното за бранење на Љупчо Палевски-Палчо, обвинет за убиството на Вања и Панче.
Одлуката на адвокатот од Куманово пред почетокот на денешното рочиште ја соопшти судијата Ивица Стефановски.
Во понатамошниот дел од судскиот процес, адвокатот Јовица Страшевски ќе продолжи да го брани Палевски.
Денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжи со испитување на обвинетиот Велибор Манев.
Според најавеното, по сослушувањето на Манев, треба да сведочат Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и на крај Палевски.
Според обвинението, Љупчо Палевски-Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.