На денешното рочиште не беше изведена како доказ снимката од Халк банка, со која одбраната на Палевски сака да докаже дека во времето на убиството на Вања тој бил во експозитура на банката во скопски Буњаковец. Причината за тоа беше што таа сè уште не е обезбедена и доколку судот успее да ја прибави таа ќе биде изведена на некое од следните рочишта
Одбраната на Љупчо Палевски-Палчо, кој е првообвинет за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, бара во судот физички да биде донесена чаурата најдена во близина на местото каде што е пронајдено телото на 74-годишниот велешанец и со дополнително вештачење да се утврди дали таа евентуално е испукана од пиштолот што со дозвола го поседувал обвинетиот Боре Видевски.

Како што кажа адвокатот Марјан Витановски, кој е дел од тимот бранители на Палевски, во списите на предметот има вештачење на чаурата, но оти тоа се однесува само на нејзиниот калибар.
„Во списите на предметот има вештачење на таа чаура од вешто лице кое што вели дека таа чаура е испукана од оружје со калибар од 9 милиметри и оти на неа се најдени траги од значење за кои вештачењето укажува дека може да се споредат со базата на податоци на Министерството за внатрешни работи (МВР) и да се утврди дали оваа чаура е испукана од оружје за кое има издадено дозвола и дали таа можеби е испукана од пиштолот на Боре Видевски“,
рече Витановски во судницата.
Како што наведе тој, бараат во судницата да биде повикано и вештото лице за да се разјаснат, како што кажа, некои работи од вештачењето кое го има изработено.
Во врска барањето за дополнително вештачење на чаурата одговарајќи на новинарски прашања по завршувањето на рочиштето свое појаснување даде и адвокатот Јовица Страшевски кој исто така е дел од одбраната на Палевски. Тој рече дека со балистичко вештачење, кое досега не е направено, може да се утврди дали чаурата е од оружје кој некој го поседува легално или, пак, е купено на црниот пазар.
„Кога некој се товари за убиство невозможно е да побарате вештачење на чаура само за тоа од какво оружје може да биде испукана и да се вештачи кој калибар на чаура е, без притоа чаурата да биде извештачена. По балистика може да се утврди дали е од оружје кое легално го поседува кој било во Македонија или е од нелегално оружје купено на црн пазар. Тоа до ден денес Обвинителството го нема направено, а гониме луѓе за убиство. Ние бараме да дојде вештото лице и да утврдиме дали вештото лице има направено балистичко вештачење и дали е утврдено дека таа чаура е испукана од легално оружје или не е. И на краја да се докаже дали има некои ДНК-анализи на самата чаура, дали се пронајдени отпрчстоци или што било“,
изјави Страшевски.
Одговарајќи на дополнително прашање, тој рече оти не може да тврди дали чаурата е од пиштолот на обвинетиот Боре Видевски, но додаде дека по убиствата било најдено оружје, кое не било вештачено. Рече дека кај Боре Видевски не бил најден пиштолот што тој го поседувал со дозвола, но оти е најдено друго оружје, кое исто така не било вештачено.
Инаку, за пиштолот на Боре Видевски, кој не бил пронајден во неговиот дом за време на претресот што бил извршен на 3 декември 2023 година, стана збор на претходното рочиште, на кое како сведок на одбраната свој исказ даде полициски службеник од СВР Велес кој учествувал во потрагата по Панче Жежовски.
Полицаецот одговараше на директни прашања на одбраната на Палевски, а најголем дел од прашањата ги поставуваше токму обвинетиот. Главниот збор стана за пиштол „збројовка” што Видевски го поседувал со дозвола, но не бил најден при претресот.
Палевски го спореше тоа што била поведена управна постапка за одземање на оружје наместо да се бара пиштолот, на што сведокот одговори дека целата постапка била спроведена согласно закон.
На денешното рочиште не беше изведена како доказ снимката од Халк банка, со која одбраната на Палевски сака да докаже дека во времето на убиството на Вања тој бил во експозитура на банката во скопски Буњаковец.
Причината за тоа беше што таа сè уште не е обезбедена и доколку судот успее да ја прибави таа ќе биде изведена на некое од следните рочишта.

Одбраната на Палевски не успеа да ја прикаже како доказ ниту снимката која, како што тврди одбраната, покажува дека возилото „рено кангу“ било во Скопје, а не во Велес ноќта на 21 кон 22 ноември (денот кога е убиен Панче Жежовски).
„Во доказот со број 193 не се наоѓа видеозаписот кој сакавме да го презентираме, а се однесува на 22.11.2023 за камера 67, кај новиот мост Железничка од ‘„’Сејф сити’, со реално време, 00:15 минути. Од причина што ние немаме програма за отворање на цедињата, а овој доказ е важен за одбраната, бараме да ни биде овозможено од Јавното обвинителство овој доказ да биде презентиран“,
рекоа адвокатите на Палевски.
На ова судијата Ивица Стефановски и укажа на одбраната дека сите докази се доставени во списите на предметот и дека секогаш можат да направат увид и да ги видат сите цедиња и повторно да предложат презентација.
Овие материјални докази, како што наведе судијата Стефановски ќе бидат изведени, откако ќе заврши распитот на обвинетите.
Судот закажа термини на 12, 17, 19, 24 и 26 март кога на предлог на одбраните искази пред судот треба да дадат петтемина обвинети за убиствата на Вања и Панче.
Прв треба да биде испитан Велибор Манев, а потоа ќе следуваат исказите на Боре Видевски, Влатко Кешиев, па таткото на Вања, Алекдандар Ѓорчевски и на крај првообвинетиот Љупчо Палевски.
Со испитувањето на обвинетите судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче влегува во кулминација, од која се очекува да се разјаснат мотивите за убиствата и други детали и околности поврзани со случајот.
Според обвинението, Љупчо Палевски-Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.