Одбраната на Палевски побара, а Обвинителството се спротивстави судот да ги побара податоците од „Телеком“ за зрачењето на телефонот на базните станици што го користел обвинетиот, а чиј претплатник била неговата сопруга. Како што наведе одбраната, барањето се однесува за периодот од 21 до 29 ноември 2023 година и овие податоци се важни за да се утврдат околностите поврзани со кривични дела
Не би ја барале таа снимка, ако не направи разлика. Вака адвокатот Јовица Страшевски, кој е еден од бранители на првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, одговори на новинарските прашања во врска со нивното барање снимка од експозитура на банка да биде изведена како доказ.

Според Палевски и неговите бранители, оваа снимка од камерите во експозитурата на Халк банка во Буњаковец го покажува движењето на обвинетиот утрото критичниот ден кога била убиена Вања.
Палевски на денешното рочиште како дел од доказите што бара да бидат изведени достави уплатница на која, како што наведе, стои дека во 11:44 часот на 27 ноември упатил пари во банка.
Обвинителството, пак, се спротивстави на ова со образложение дека од видеоснимките кои веќе ги извеле како докази се гледа дека Палевски во 10 часот по убиството на Вања со „реното кангу“ се враќа во седиштето на партијата Десна.
Одбраната на Палевски, пак, е на став дека на снимката од системот „Безбеден град“, што Обвинителството ја изведе како доказ на едно од претходните рочишта не се гледа неговиот лик, па затоа уплатницата претставува релевантен доказ.
„Значи, едно е кога е извршена уплатата, а друго е дали Палевски претходно бил внатре и чекал ред заедно со посочениот сведок. Сакаме да го докажеме дека Палевски претходно бил (во експозитурата) и чекал некаде повеќе од 20 или 40 минути, не можам сега точно да ви потврдам, меѓутоа снимките тоа ќе го утврдат, дека Палевски бил таму. И, како што кажав, не може истиот да биде на две места во исто време“,
рече адвокатот Страшевски во изјава за медиумите за време на паузата од рочиштето.
Прашан за кој период Палевски тврди дека бил во експозитурата, адвокатот рече дека снимките ги бараат за да се утврди точно каде бил неговиот клиент во периодот од 10 до 12 часот.
Одбраната на Палевски побара, а Обвинителството се спротивстави, судот да ги побара од Телеком податоците за зрачењето на телефонот на базните станици што го користел обвинетиот, а чиј претплатник била неговата сопруга. Како што наведе одбраната, барањето се однесува за периодот од 21 до 29 ноември 2023 година и овие податоци се важни за да се утврдат околностите поврзани со кривични дела.
Имено, Палевски и неговите адвокати тврдат дека во доказите на Обвинителството нема податоци за зрачењето на неговиот телефон на ниту една базна станица, што е невозможно.
Оние докази кои ги достави Обвинителството до нас цедињата, усб-материјалите за наведениот број на Љупчо Палевски не постои ниедна базна станица. Невозможно е за сите други да има базни станици во тој период, а само за Палевски да нема. Не знам зошто тоа го крие Обвинителството и зошто се противи на нашето барање судот од Телеком да го обезбеди овој доказ и да ги спротивставиме доказите“, рече Страшевски.
Судот прифати од предложените докази да бидат побарани само снимките од Халк банка.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека податоците што ги бараат се однесуваат на критичните денови 22 ноември, кога е убиен Жежовски иу 27 ноември 2023 година, кога е убиена малолетната Вања Ѓорчевска.
„За некои денови има, ама за критичните денови нема, невозможно е да нема“,
додаде адвокатот.

Инаку, на денешното рочиште како сведокот на одбраната исказ пред судот даде полициски службеник од Секторот за внатрешни работи Велес кој учествувал во потрагата по Жежовски откако бил пријавен за исчезнат, а потоа и при одземањето на оружје од домот на обвинетиот Боре Видевски.
Полицаецот одговараше на директни прашања на одбраната на Палевски, а најголем дел од прашањата ги поставуваше токму обвинетиот. Главниот збор стана за пиштол „збројовка” кој не бил најден при претресот на домот на обвинетиот Боре Видевски.
„Каде е пиштолот ‘збројовка’ за кој одзедовте дозвола за поседување и носење од лицето Боре Видевски”,
праша Палевски.
Како што појасни сведокот претресот во домот на Видевски бил вршен на 3 декември 2023 година, дента кога биле најдени телата на Вања и Панче. Кажа дека тој не присуствувал на овој претрес, туку неговите колеги. Присутен, како што кажа, бил следниот ден, на 4 декември, кога сопругата на Видевски, Јасминка Видевска, доброволно го предала оружјето што било најдено.
Кажа дека тој и неговите колеги одзеле ловна пушка и куршуми калибар 9 милиметри за пиштол и дека тие се предани во магацин во СВР Велес, откако била поведена управна постапка за одземање на оружјето.
Палевски го спореше тоа што била поведена управна постапка наместо да се бара оружјето, на што сведокот одговори дека целата постапка била спроведена согласно закон, а за тоа дека недостасува пиштол, кој Видевски го поседувал со дозвола и која била меѓу запленетите предмети, рече дека усно била извесетен обвинителката и колегите од СВР Скопје.
Но овие наводи се спорни за одбраната на Палевски.
„Не е нормално во истрага луѓе да сомничиш за убиство, а да не провериш дали имаат оружје, дали поседуваат легално оружје и да не им направиш парафинска ракавица. До ден денес тоа не е направено од страна на Обвинителството“’,
изјави адвокатот Јовица Страшевски.