Напомена дека во текот на следните денови може да се очекува враќање на одредени пациенти што се лекуваат надвор од државата
Поминаа првите критични 72 часа и нема ниту еден починат од хоспитализираните пациенти, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Арбен Таравари презентирајќи ја состојбата на повредените во пожарот во дискотеката во Кочани, во која загинаа 59 лица.

„Добрата вест е што поминаа 72 часа и нема ниту еден починат од тие што се хоспитализирани во нашите болници“,
рече министерот.
Посочи дека вкупно се третираат 178 пациенти во различни здравствени установи, од кои 64 се во болниците низ државата и 13 пациенти се во приватни болници. Надвор од државата се третираат 101 пациент.
„Сите се во релативно стабилна состојба“,
кажа Таравари.
Заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вчера ги посетија и пациентите во Солун и Софија.
„Лично ги посетив сите пациенти во Солун. Се видовме и со семејствата на пациентите. Сите се презадоволни од нивниот третман. Исто така и во Софија, каде се лекуваат девет пациенти“,
рече тој.
Напомена дека во текот на следните денови може да се очекува враќање на одредени пациенти кои се лекуваат надвор од државата.
„Денеска е последниот транспорт на пациенти кои ќе се лекуваат во странство. Веќе нема да испраќаме пациенти на лекување во странство. Во 11 часот за Шведска ќе бидат пренесени двајца пациенти, а попладне уште тројца пациенти. И тука завршуваме. Веќе нема потреба за лекување во странство“,
вели Таравари.
Пациенти сместени во болници во земјава и во странство:
- Во моментот на Клиничкиот центар има вкупно 35 пациенти.
- Од нив, на КАРИЛ се шест, а еден од нив е за транспорт.
- На Детска хирургија се четири пациенти, на Пластична хирургија се шест и сите се во стабилна состојба.
- На Торакална хирургија има четири пациенти, на Трауматологија се двајца, од кои еден се испишува и си оди дома.
- На Токсикологија се десет пациенти и сите се во стабилна состојба.
- На Пулмологија има двајца пациенти и на Офтамологија е хоспитализиран еден пациент.
- Во „8 Септември“ има вкупно 15 пациенти, од кои 12 се во стабилна состојба. Двајца од нив денеска ќе патуваат за Шведска.
- Во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ во Скопје 11 пациенти.
- Во Штип има тројца пациенти, од кои двајца денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување. Само еден ќе остане за понатамошен третман во Штип.
- Во Бугарија има 15 пациенти
- Во Србија 30
- Во Грција 12
- Во Турција 9
- Во Унгарија 6
- Австрија 6
- Хрватска 5
- Словенија 4
- Литванија 4
- Белгија 4
- Италија 4
- Полска 2