Жртвите од трагедијата ќе бидат погребани на посебен дел од градските гробишта
Кочанските гробишта се прошируваат поради големиот број починати во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Жртвите од трагедијата ќе бидат погребани на посебен дел од градските гробишта во Кочани. Британската новинска агенција Ројтерс објави видеоснимка на која од птичја перспектива се гледа откопувањето на гробните места каде што ќе бидат погребани жртвите од пожарот во Кочани.
„Булдожери и работници со лопати ископаа ред гробници на гробиштата во Кочани во понеделникот“,
пишува Ројтерс под видеото објавено на социјалните мрежи.
Од Општина Кочани информираа дека по одржаниот колегиум утринава е упатена препорака до кочанското јавно претпријатие „Водовод“ за проширување на парцелите на градските гробишта и определување посебно место за починатите во пожарот. Дополнително, донесена е и одлука за бесплатно доделување парцели за починатите и за погребните услуги кои се во надлежност на кочанското претпријатие „Водовод“.
Во пожарот што ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани ноќта помеѓу 15 и 16 март загинаа 59 млади лица, главно на возраст од 14 до 25 години, а над 150 други се повредени.