Сите граѓани ќе може да се потпишат во следните шест дена во периодот од 10 до 19 часот

Од утре во Собранието ќе биде отворена книга на жалост за загинатите во вчерашниот пожар во Кочани.
Од собраниската прес-служба велат дека книгата на жалост ќе биде отворена од утре од 10 часот, а сите граѓани ќе може да се потпишат во следните шест дена во периодот од 10 до 19 часот.
„Граѓаните кои сакаат да се потпишат во книгата на жалост може да влезат во Собранието преку страничниот влез – од страната на Домот на АРМ“,
велат од собраниската прес-служба.
Во книгата на жалоста денеска се потпиша претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Со скршено срце, вознемирен дух, длабоко емотивно трогнат, ги пишувам овие редови во оваа книга на жалост, со надеж ова да биде последната книга на жалост отворена во ова Собрание. Трагичниот настан во Кочани и загинувањето на околу 60 млади момчиња и девојки е последниот аларм за сите политички и општествени фактори – време е да се вратиме кон себе, кон нашата хуманост и конечно да се издигнеме како феникс. Да ја обновиме оваа држава од почеток, но врз основа на правда, чесност, чиста совест и искреност. Семоќен Боже, смилувај се на нивните души, а твојот мир и милост нека ги обземат нивните најблиски и сите граѓани на државата“,
напиша Гаши во книгата.