Останатите тројца кои до овој момент се опфатени со проверките во врска со пожарот во Кочани се наоѓаат во болница и за нив постапката ќе продолжи кога ќе им се подобри здравствената состојба
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија вечерва соопшти дека до овој момент поведува постапка на проверки за вкупно 11 лица во врска со пожарот во кочанската дискотека во која во пожар животите ги загубија 59 лица од кои тројца малолетници.

Како што информираат оттаму, за осуммина веќе е поднесен предлог да им биде одреден краткотраен притвор, додека останатите тројца сè уште се хоспитализирани и се во потешка здравствена состојба.
„Постапката во однос на нив ќе продолжи веднаш кога состојбата ќе им се подобри. Дејствија продолжуваат да се преземаат за испитување на одговорност на повеќе лица“,
велат од Обвинителството.
Предлогот за одредување краткотраен притвор, додаваат оттаму, е поднесен во Основниот суд во Кочани.
Претходно на прес-конференција вечерва државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски соопшти дека ќе се бара краткотраен притвор против вкупно 10 лица. Инаку, притворот е краткотраен, затоа што сè уште не е наредена истражна постапка, туку процесот е во фаза на предистрага.
Она што досега го утврдило Обвинителството, Коцевски го нарече ерозија на системот.
Дискотеката „Пулс“ не само што немала соодветна лиценца, туку работела во објект чија намена е лесна индустрија, а не угостителство.
Државниот јавен обвинител наброја повеќе прекршени стандарди кои се косат со правилата за протипожарна заштита , вклучувајќи дека за цел клуб имало само два ПП апарати, немало излезни врати за евакуација, противзаконски биле користени пиротехнички средства, а дури и концертот бил „на диво“, бидејќи немало договор меѓу организаторот и изведувачите.
Коцевски најави дека утре ќе ангажира уште најмалку тројца до петмина јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, кои ќе му се придружат на актуелниот обвинителски тим, кој сега брои шестмина обвинители од Скопје, Кочани и Штип. Ова е од причина, што, како што рече тој, има доста работи коишто треба да се проверуваат и испитуваат и да се собираат докази.