Третата одлука за прогласување вонредна состојба истекува в сабота, по што би требало да почнат роковите за заокружување на вонредните парламентарни избори – на 21 јуни, доколку партиските лидери, во меѓувреме, не постигнат поинаков договор
Северна Македонија влегува во, можеби, последната седмица од вонредната состојба, која првпат беше прогласена на 18 март.
Третата одлука за вонредна состојба, овој пат во траење од 14 дена, истекува в сабота, по што би требало да почнат да течат роковите за заокружување на вонредните парламентарни избори, доколку партиските лидери, во наредните денови, не постигнат поинаков договор. Ако до сабота нема договор кој би значел ново пролонгирање на изборните термин, преку ново продолжување на вонредната состојба или преку измени на владината уредба за стопирање на изборниот процес, тогаш изборите би требало да се одржат на 21 јуни.
Од Вила „Водно“ велат дека претседателот Стево Пендаровски е подготвен да закаже нова лидерска средба, ако има сигнал дека има приближување на позициите на партиите во врска со одржувањето на изборите. Меѓутоа, од партиските табори засега нема навестување за можно усогласување на ставовите. Единствена заедничка точка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во овој момент е истакнувањето на потребата за консензус околу изборите, но нема најави како би се постигнало тоа, така што во игра е ставена и опцијата за опозициски бојкот на изборите, доколку тие се одржат во првиот можен термин.
Од СДСМ, од друга страна, посочуваат дека се потребни избори во најбрз можен рок, за институциите да добијат нов политички легитимитет и да може да функционираат со полн капацитет, со оглед на тоа што сега Собранието е распуштено и не заседава, а по завршувањето на вонредната состојба, ниту Владата нема да може да носи уредби со законска сила.
Наспроти неизвесноста за тоа дали и кога ќе има нова лидерска средба за изборите, извесно е дека утре ќе заседава Комисијата зазаразни болести, откаково 5 часот наутро ќе заврши забраната за движење што ја прогласи Владата за празничниот и продолжен викенд.
Министерот за здравство Венко Филипче кон крајот на минатата седмица изјави дека по празниците ќе се носат препораките и одлуките за можно понатамошно олеснување на рестрикциите, односно за намалување или укинување на полицискиот час, како и за можно отворање на границите.
