Од Пионирскиот парк беа фрлени шишиња и камења, протестот веќе не е студентски, соопшти ФДУ
Студентите се повлекуваат од просторот пред зградата на Собранието и од плоштадот „Славија“, откако дошло до неколку инциденти и провокации за време на 15-минутниот молк во чест на загинатите 15 лица кои настрадаа при падот на натстрешницата на 1 ноември во Нови Сад. Редарските служби, како што пренесуваат репортерите на Н1, се повлекуваат од безбедносни причини и ги насочуваат демонстрантите да го напуштат просторот. Според сведоштва на дел од присутните, се слушнал топовски удар, а од Пионирскиот парк каде се собрани поддржувачите на власта, биле фрлани шишиња и камења.
Од Факултетот за драмски уметности соопштија дека протестот веќе не е студентски.
„Од правец на Пионирскиот парк се фрлени шишиња и камења. Овој протест веќе не е студентски протест. Стражарите ги симнаа ознаките. Ги замолуваме сите да го напуштат просторот околу Собранието“,
се наведува во објавата на ФДУ.
NAJVAŽNIJI INFO: Iz pravca Pionirskog parka su bačene flaše i kamenice. Ovaj protest više nije studentski. Redari su skinuli markere. Mole se svi da napuste prostor oko Skupštine.
— FDU u blokadi (@sviublokade_fdu) March 15, 2025
Протестите, кои официјално започнаа во 16 часот, повеќе од три часа беа мирни и без поголеми инциденти и нарушувања на јавниот ред и мир.
На бината пред плоштадот „Славија“ се обратија десетина студенти кои испратија емотивни пораки со надеж за промени. Тие порачаа дека долго време молчеле за сите неправди и ги повикаа сите граѓани да им се придружат на барањата за подобра иднина.
„Погледнете каде сме, погледнете колку сме! Вашиот глас се брои! Заедно да ја разбудиме Србија! Да истраеме во борбата за студентите, земјоделците, просветните работници, адвокатите, фармацевтите, лекарите, актерите, уметниците, новинарите, инженерите, за сите животи што ги загубивме и за оние што ќе ги изгубевме ако продолжевме да ги слушаме. Ноќта е најтемна пред зори. Сѐ додека не се исполнат барањата!“,
кажа студентката која се обрати на протестот.
Засега нема информации дали интервенирала полицијата и дали има уапсени лица откако почнаа протестите, но најавено е обраќање на српскиот претседател Александар Вучиќ во 22 часот.