Објавени се и идентитетите на лицата против кои се поднесени кривични пријави. Дел од нив се совпаѓаат со имињата на лицата за кои дел од медиумите вчера неофицијално објавија дека се приведени – Ратко Капушевски и Асмир Јахоски – Р.К. (38) од Скопје и А.Ј. (40) од с. Пласница. Дел од медиумите објавија дека во акцијата е опфатен и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски. Во списокот на лица против кои е поднесена кривична пријава од страна на МВР се наведува и лице со иницијали В.К. (55) од Битола
Единаесет лица се приведени во вчерашната акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во врска со кривични дела за сомнителни набавки на деривати. Едно лице е недостапно на органите на прогонот, а едно е во притвор.

По наредба на Судот, како што информираат од МВР, во текот на вчерашниот ден се извршени претреси на повеќе локации во Скопје, Битола и Кичево кај правни и физички лица.
„Во акцијата лишени од слобода се 11 лица, едно лице е недостапно за органите на прогонот и едно е со мерка притвор. Досега, од извршените претреси пронајдени и одземени се документација, пет мобилни телефонски апарати, околу 1 500 парчиња муниција од различен калибар, два пиштоли и три патнички моторни возила“,
посочуваат од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР додаваат оти во рамки на акцијата се поднесени кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело против 13 лица и една фирма.
Објавени се и идентитетите на лицата против кои се поднесени кривични пријави. Дел од нив се совпаѓаат со имињата на лицата за кои дел од медиумите вчера неофицијално објавија дека се приведени – Ратко Капушевски и Асмир Јахоски – Р.К. (38) од Скопје и А.Ј. (40) од с. Пласница. Повикувајќи се на свои извори, дел од медиумите објавија дека во акцијата е опфатен и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски. Во списокот на лица против кои е поднесена кривична пријава од страна на МВР се наведува и лице со иницијали В.К. (55) од Битола.
„Од страна на МВР до ОЈО ГОКК поднесена е кривична пријава за ‘злоупотреба на службена положба и овластување’ и ‘перење пари и други приноси од казниво дело’ против 13 физички и едно правно лице и тоа: В.К. (55) од Битола, А.М. (44) од Скопје, Н.С. (61) од Општина Маврово и Ростуше, Е.П. (52) од Скопје, М.Н. (60) од Скопје, Б.М. (51) од Скопје, Р.Р. (48) од општина Желино, Д.С.Ј. (43) од Куманово, Д.С. (66) од Скопје, Д.С. (43) од Велес, Р.К. (38) од Скопје, Е.С. (43) од Кичево и А.Ј. (40) од с.Пласница и правно лице од Скопје“,
посочуваат од МВР.
Од Министерството посочуваат дека по насоки на надлежниот јавен обвинител ќе продолжат да преземаат дејствија за обезбедување други докази поврзани и со други кривични дела.