Победата на Марк Карни на внатрепартиските избори е прва за кандидат што не доаѓа директно од светот на политиката. Иако нема политичко искуство, Карни како свој адут го наведе искуството како гувернер на две централни банки, канадската и англиската, поради што, како што вели, ќе знае како да се справи со американскиот претседател Доналд Трамп
Поранешниот гувернер на Централната банка на Канада, Марк Карни, победи во трката за нов лидер на владејачката Либерална партија и ќе го замени Џастин Трудо како премиер на земјата, покажаа резултатите објавени вчера, пренесуваат светски медиуми.

Карни ја презема извршната власт во турбулентно време за Канада, која е среде трговска војна со долгогодишниот сојузник САД, а оваа година се соочува и со парламентарни избори.
Педесет и деветгодишниот Карни убедливо ја победи поранешната министерка за финансии Кристија Фриленд, со 86 отсто од гласовите од нешто помалку од 152 000 члена на партијата кои гласаа.
Досегашниот премиер на Канада, Џастин Трудо, кој ја извршуваше функцијата повеќе од девет години, во јануари најави дека ќе се повлече по остриот пад на неговиот рејтинг, што ја принуди Либералната партија да бара нов лидер.
„Нема простор за грешка, ова е клучен момент за нашата нација. Демократијата не е дар од небото. Не е ниту слобода. Ниту Канада. И сега, додека ние Канаѓаните се соочуваме со егзистенцијални предизвици и економска криза, покажуваме од што сме направени“,
рече Трудо по неговото заминување.
Неговиот наследник нагласи дека тој е најдобриот кандидат за лидерската позиција, кој ќе ја оживее партијата и ќе ги надгледува трговските преговори со Доналд Трамп, кој му се заканува на северниот сосед со дополнителни царини кои би можеле силно да ја погодат канадската економија.
Победата на Марк Карни е прва за кандидат кој доаѓа надвор од светот на политиката. Иако нема политичко искуство, Карни како свој адут го наведе искуството како гувернер на две централни банки, канадската и англиската, поради што, како што вели, ќе знае како да се справи со Трамп.
За време на кампањата, тој ги поддржа реципрочните тарифи против САД и координираната стратегија за поттикнување инвестиции. Дополнително, верува дека канадскиот раст под Трудо не бил доволен.
На почетокот на годината Либералната партија заостануваше 20 процентни поени зад конзервативците. Два месеца подоцна, двете партии се речиси изедначени според анкетите и ниту една не би можела да формира мнозинска влада.
Партиски извори велат дека новиот премиер во наредните недели ќе распише парламентарни избори кои мора да се одржат најдоцна до 20 октомври.