Од партијата велат дека првпат од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор ниту еден Албанец нема водечка позиција во редовите на Армијата
Намерното исклучување на Албанците од клучните позиции во безбедносните институции претставува сериозна закана за безбедноста на државата. Ова е денешната реакција од Демократската унија за интеграција (ДУИ) на одлуката на Гордана Сиљановска-Давкова за промени во командните структури на Армијата на Република Северна Македонија, која, како што се додава во партиското соопштение, поставува прашања за намерите зад ова етничко чистење во безбедносниот систем.
Од ДУИ велат дека првпат од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор ниту еден Албанец нема водечка позиција во редовите на Армијата.
„Отстранувањето на единствениот генерал Албанец од Оперативната команда ги остави Албанците без претставници на четирите највисоки воени позиции. Првпат Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Воената агенција немаат ниту еден Албанец на раководни позиции“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Дополнително, од партијата посочуваат дека назначувањето на генералите Орце Јордев и Мирче Ѓорѓиевски, кои добија негативни одговори од НАТО за безбедносни сертификати, предизвикува сериозни загрижености за стратегиската ориентација на нашата земја.
„Овие случувања сугерираат тенденција кон анти-НАТО, просрпско и проруско раководство во Армијата, додека Албанците систематски се исклучуваат од безбедносниот систем“,
пишува во реакцијата од партијата.
Во оваа ситуација, од ДУИ посочуваат дека партиите на Албанците во власта треба да ја прекинат својата улога како адвокати на антиалбанските и исклучувачки политики.
Ја повикуваат меѓународната заедница, особено НАТО да интервенира за да се адресира ова системско исклучување и да се осигура дека С Македонија е посвете на демократските вредности.
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова изврши промени во командните структури на Армијата на Република Северна Македонија.
Според соопштението од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, со указите досегашниот началник на штабот во Командата за операции, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски е поставен за командат на Командата за операции во Генералштабот на Армијата. Бригадниот генерал Бесник Емини, кој досега беше командант во Командата за операции во Генералштабот на Армијата, е поставен за државен советник за политика и планирање во Директоратот за политика и планирање, кризен менаџмент и цивилно-воена соработка во Министерството за одбрана.
Бригадниот генерал Орце Јордев, досегашниот советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции, е поставен за директор на Генералштабот на Армијата. Бригадниот генерал Симеон Трајковски, досегашниот директор на Генералштабот на Армијата, е поставен за советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции.
Исто така, од Кабинетот на претседателката информираат полковникот Васко Коколански е разрешен од должноста командант на Командата за обука и доктрини и тој ќе биде поставен во Генералштабот на Армијата.
Полковникот Лулзим Нуредини, со указ на претседателката, пак е поставен на должност командант на Командата за обука и доктрини и со указ на претседателката е унапреден во чин бригаден генерал.
На својот фејсбук-профил Кренар Лога, дел од струјата на Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села, и поранешен министер за правда вчера напиша дека претседателката им нанела тежок удар на Албанците во Армијата на Северна Македонија, деградирајќи ги.
Според него, одлуката на претседателката претставува целосно понижување на Албанците во Армијата.