Наспроти тврдењата на претседателот и на потпретседателот на опозициската партија, министерот Чулев вели дека нема сознанија дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ е под надзор, ниту, пак, е поднесена пријава за тоа
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска повторно настапи со сомневања дека членови на раководството на опозициската партија се следени и прислушувани, откако со такви наводи излезе и партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Николоски, во гостувањето во вестите на ТВ Алфа, истакна дека врвот на партија е следен физички и телефонски, иако, од друга страна, министерот за внатрешни работи, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев, изјави денеска дека нема такви сознанија, ниту, пак, досега е поднесена пријава за тоа до МВР.
„Веќе подолг временски период имаме сомнеж, а и информации од луѓе кои ѝ мислат добро на демократијата во државата, би рекол свиркачи од разни институции, кои доставуваат информации до нас дека највисокото раководство на партијата, врвот на ВМРО-ДПМНЕ, е под постојан надзор и тоа физички надзор, како и телефонски и коумникациски надзор“,
појасни Николоски.
Тој оцени дека тоа е недеморатски и незаконски и изрази сериозен сомнеж дека тоа го прават параполициски структури што е целосно нелегално. Овие параполициски структури, според него, се контролирани од политички, а не од страна на безбедносен центар.
Во контекс со случајот со теретаната, за што дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи тврдеше дека Мицкоски вршел притисок да се реши побрзо, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска исто така излезе со сомневања дека е прислушуван.
