„Помагањето да се обезбеди безбедноста на Украина значи помагање да се обезбеди безбедноста на нашиот континент и безбедноста на земјата“, пишува Стармер

Премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, вели дека е подготвен да испрати британски војници на теренот во Украина доколку тоа е потребно за безбедноста на Велика Британија и на Европа.
Обединетото Кралство, како што пишува Стармер за британски „Дејли телеграф“, игра водечка улога во поддршката на Киев во неговата војна против Русија, што, исто така, „значи дека сме подготвени да придонесеме за безбедносните гаранции за Украина со испраќање на свои војници на терен доколку е потребно“.
„Не го кажувам ова лесно. Ја разбирам одговорноста што се подразбира со потенцијалното доведување на мажите и жените од британската армија во опасност. Но, помагањето да се обезбеди безбедноста на Украина значи помагање да се обезбеди безбедноста на нашиот континент и безбедноста на земјата“,
додава Стармер.
Премиерот, исто така, посочува дека Британија може да одигра „уникатна улога“ како мост меѓу Европа и САД во мировниот процес во Украина.
„Велика Британија е подготвена да игра водечка улога во забрзувањето на работата за безбедносните гаранции за Украина. Ова вклучува понатамошна поддршка за војската на Украина – каде што Велика Британија веќе има посветено 3 милијарди фунти годишно најмалку до 2030 година“,
пишува Стармер.
Во својата статија на „Дејли телеграф“, Стармер напиша:
„Овие клучни денови што претстојат ќе ја одредат идната безбедност на нашиот континент. Како што ќе кажам во Париз, мирот доаѓа преку силата. Но, и обратното е точно. Слабоста води до војна. Ова е моментот за сите нас да се засилиме – и Обединетото Кралство ќе го стори тоа, затоа што тоа е вистинската работа за вредностите и слободите што ги цениме, и затоа што е фундаментално за нашата сопствена национална безбедност“.
Тој во статијата потврдува дека ќе учествува на денешниот состанок на лидерите на неколку европски држави во Париз за да договорат заедничка позиција за Украина пред администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој најавува и дека во наредните денови ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Американската поддршка ќе остане најважна, а американското безбедносно осигурување е од суштинско значење за траен мир бидејќи само Соединетите Држави можат да го одвратат рускиот претседател Владимир Путин од повторен напад“,
нагласува Стармер.
Покрај францускиот претседател Емануел Макрон, на собирот што се организира во Париз по повод третата годишнина од руската инвазија на Украина се очекува да присуствуваат и лидерите на владите на Германија, Обединетото Кралство, Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска, како и претседателот на Европскиот совет, претседателката на Европската комисија и генералниот секретар на НАТО.
Домаќин на претставници од водечките европски држави ќе биде францускиот претседател Емануел Макрон.
