„Уште во јуни, пред формирањето на новата влада, во еден медиум, г. Изет Меџити јавно објави дека ‘Вреди’ ја ‘добил’ Филхармонија и дека Мустафа Имери ќе биде првиот Албанец кој ќе раководи со институцијата. Оваа скандалозна објава ја руши легитимноста на конкурсот кој сè уште е во тек бидејќи името на г. Имери сè уште фигурира низ кулоарите како сигурна и договорена опција за директорското место на нашата институција“, пишуваат, меѓу другото, вработените во писмото до премиерот
Во отворено писмо испратено до премиерот Христијан Мицкоски и до министерот за култура Зоран Љутков, вработените во Македонската филхармонија повикуваат да не се повторува, како што велат, погубната практика на кадровски грешки при назначувањето нов директор на установата.

„Уште во јуни, пред формирањето на новата влада, во еден медиум, г. Изет Меџити јавно објави дека ‘Вреди’ ја ‘добил’ Филхармонија и дека Мустафа Имери ќе биде првиот Албанец кој ќе раководи со институцијата. Оваа скандалозна објава ја руши легитимноста на конкурсот кој сè уште е во тек бидејќи името на г. Имери сè уште фигурира низ кулоарите како сигурна и договорена опција за директорското место на нашата институција“,
пишуваат вработените во Филхармонија во отвореното писмо до Мицкоски и Љутков.
Наведуваат дека од исклучителна важност е кој ќе застане на чело на институцијата, со што и ќе ја одреди насоката во која таа ќе продолжи да се движи во иднина. Додаваат оти оваа установа таа е национален симбол, столб на македонската култура и најголемиот македонски амбасадор во светот со оглед на тоа што други држави имаат по неколку државни симфониски оркестри, а Македонија има само еден – Македонската филхармонија.
Новиот директор на Филхармонија, како што потенцираат, треба да се избере на конкурс – да биде избран оној со најдобра програма, професионални квалификации и референци.
„Во вашата програма и пред изборите, освен богатата програма со проекти за напредок на Македонија во сите сфери, се нагласуваше и кадровскиот потенцијал на идната владина коалиција со нагласена решителност за справување со корупцијата и примената на т.н. мерит-систем, односно поставување на кадри и напредување врз основа на компетентност, способност и професионални заслуги. Токму на тој начин, треба да се избере и директор на нашата институција, според законски утврдена процедура со вградени критериуми од страна на ресорното Министерство. Секој друг начин за избор на директор со кој се прескокнуваат највисоките скалила на одлучување е голема храброст (или дрскост). Лицитацијата на функции без спроведување на законска процедура со јасно утврдени критериуми е навреда за дејците во културата, а во таа насока и за нас, вработените во Македонската филхармонија“,
се додава во писмото адресирано до премиерот и министерот за култура.