Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот универзитет, од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, односно од 26 јануари заклучно со 9 февруари, биле регистрирани над 14 000 земјотреси
Земјотрес со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала бил регистриран кусо по 3 часот по локално време во близина на Санторини, а серијата земјотреси во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос продолжил и во текот на ноќта.

Согласно официјалните податоци од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, освен најсилниот земјотрес, биле регистрирани и пет други со јачина од над 4 степени.
Од почетокот на месецов, земјотресите се секојдневие на Санторини. Доста често во помали временски периоди има по неколку силни земјотреси, а досега беа регистрирани вкупно четири од 5 или над 5 степени.
Најсилниот беше во понеделникот со јачина од 5,3 степени, минатата среда имаше земјотрес од 5,2 степени, а во неделата вечерта и рано утрово беа регистрирани по еден земјотрес од 5 степени.
Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот универзитет, од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, односно од 26 јануари заклучно со 9 февруари, биле регистрирани над 14 000 земјотреси.
Само во неделата на 9 февруари биле регистрирани над 1 100 земјотреси, од кои 240 над 2,5 степени и 14 над 4 степени.