Според извештаите, војниците на Северна Кореја, кои претходно немале борбено искуство, не биле подготвени за суровата реалност на војување на непознат терен и се покажале како особено ранливи на украинските беспилотни летала
Севернокорејските трупи кои беа испратени да се борат на страната на Русија во нејзината војна против Украина не се забележани во битка неколку недели, што ги зголеми шпекулациите дека тие се повлечени откако претрпеа големи загуби, пишува „Гардијан“ повикувајќи се јужнокорејската разузнавачка агенција.
Имено, Националната разузнавачка служба во Сеул оваа недела ги потврдила медиумските извештаи дека севернокорејските трупи биле повлечени од линијата на фронтот околу средината на јануари.
Северна Кореја, според претходните извештаи испрати околу 11 000 војници во рускиот регион Курск кон крајот на 2024 година, веднаш откако лидерот на земјата, Ким Џонг-ун и рускиот претседател Владимир Путин, се договорија за меѓусебен одбранбен пакт дизајниран да го зајакне нивниот сојуз против, како што ја нарекоа, „западната хегемонија“ предводена од САД.
Сепак, вклучувањето на севернокорејските трупи во војната на Русија во Украина имаше висока цена. Според јужнокорејската разузнавачка служба во борбите наводно се убиени околу 300 Севернокорејци, а околу 2 700 се ранети. Во јануари, украинскиот претседател, Володимир Зеленски, објави видео на кој се прикажани двајца заробени севернокорејски војници, од кои едниот рече дека неговите команданти му кажале дека е испратен на „вежба за обука“.
Според извештаите, војниците на Северна Кореја, кои претходно немале борбено искуство, не биле подготвени за суровата реалност на војување на непознат терен и се покажале како особено ранливи на украинските беспилотни летала.
Претставници на јужнокорејското разузнавање тврдат дека биле пронајдени белешки на мртви севернокорејски војници кои укажуваат дека режимот очекувал тие да се самоубијат наместо да бидат заробени.
Пристигнувањето на севернокорејските трупи во Русија предизвика стравувања дека војната може да има опасен пресврт за Украина, поради тврдењата на воените претставници на Јужна Кореја дека режимот во Пјонгјанг се подготвува да испрати уште повеќе војници.
Во замена за испраќање персонал, оружје и муниција, Северна Кореја се надева дека ќе добие пристап до софистицирана руска сателитска технологија и финансиска поддршка за своите нуклеарни и балистички ракетни програми.
Според разузнавачката служба на Јужна Кореја големиот број на жртви е причината за очигледната одлука за повлекување на севернокорејските војници од Курск, каде што украинските сили започнаа ненадејна офанзива во август 2024 година.
Експерти од Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон оваа недела проценија дека околу половина од севернокорејските војници испратени во Украина биле убиени или повредени во битките.
„Стапките на жртви беа значителни. Според повеќето извештаи, можевме да процениме дека бројот на жртви меѓу севернокорејките сили е една третина, а можеби и до 50 отсто“,
велат од Центарот.
Северна Кореја јавно не ја призна својата улога во војната, но во октомври Путин не негираше дека војници испратени од Пјонгјанг пристигнале во Русија. Севернокорејскиот заменик-министер за надворешни работи Ким Џонг-гју рече дека секое такво распоредување ќе биде во согласност со меѓународното право.