На денешната средба меѓу грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и кризниот штаб повторно ќе се разговара за тоа какви мерки ќе бидат преземени во следните денови
Нови земјотреси повторно го потресоа грчкиот остров во Егејското Море, Санторини. Во текот на ноќта во делот меѓу островите Санторини и Аморгос се регистрирани низа земјотреси, од кои четири се со јачина над четири степени според Рихтеровата скала, пишуваат грчките медиуми.
Рано утрово два земјотреса со јачина од 4,0 и 4,3 степени според Рихтеровата скала во рок од пет минути ги погодија Санторини и Аморгос. Првиот земјотрес е регистриран во 4 часот и 16 минути по локално време со епицентар на 18 километри од Аркесинина на Аморгос, а вториот е регистриран во 4 часот и 21 минута во областа Санторини.
Истовремено, локалното население и туристите се евакуираат од островот, додека експертите предупредуваат на нова опасност. Во исто време, здруженијата за заштита на животните и животната средина бараат животните кои остануваат на островот во никој случај да не се оставаат врзани и без пристап до храна и вода.
CCTV footage of 5.1 Earthquake in Santorini, Greece
— Disasters Daily (@DisastersAndI) February 5, 2025
February 04, 2025 #sismo #temblor #Santorini pic.twitter.com/SstljG0iLK
Досега островот го напуштиле над 11 илјади лица. Фериботите пристигнуваат повеќепати во текот на денот, а се полнат многу брзо. Авионите од Санторини до Атина, пак, летаат и по десетпати дневно.
Santorini has experienced over 550 earthquakes since the weekend, with the strongest at 4.9 magnitude. More than 6,000 residents have evacuated, and experts warn that seismic activity may persist. The island, which usually hosts millions of tourists, is now deserted, with… pic.twitter.com/LJ9WUbN3iR
— GeoInsider (@InsiderGeo) February 4, 2025
Сеизмолозите велат дека следните 48 часа се критични, како и дека се во очекување на најсилниот земјотрес од над 6 степени според Рихтеровата скала. Предупредуваат дека во случај на силен земјотрес можно е цунами, па затоа сметаат и дека е подобро навреме да се евакуира целото население.
Според анализите на грчките медиуми, во последните месеци над 2 500 земјотреси биле регистрирани во околината на Санторини.
Сепак, предвидувањата за тоа како ситуацијата ќе се развива се поделени. На денешната средба меѓу грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и кризниот штаб повторно ќе се разговара за тоа какви мерки ќе бидат преземени во следните денови.
Пожарникарите и екипите за медицинска помош се засилени на Санторини, Аморгос и другите острови од групата Киклади. Карпите толку го затрупаа пристапот до познатата Црвена плажа на Санторини што три области се целосно затворени бидејќи постои ризик од нови одрони.
Од понеделникот, затворени се училиштата на Санторини и на соседните острови Иос, Аморгос и Анафи. За граѓаните има препораки да избегнуваат големи собири во внатрешноста на објектите, да избегнуваат напуштени објекти, да избегнуваат престој на пристаништата Амуди, Армени, Крфос и старото пристаниште Фира, да изберат безбедни рути по градските и локалните патишта поради опасност од одрони, како и итно да се евакуираат од крајбрежните области во случај на силен земјотрес.