„Од досегашните докази, за Обвинителството е неспорно дека станува збор за кривично дело сторено со умисла“, вели државниот јавен обвинител
Говорејќи за сообраќајната несреќа со смртен исход во која загина 22-годишната Фросина Кулакова, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вели дека против осомничениот возач Васил Јованов се води постапка за сторено најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот.
Обвинителот посочи дека е неспорно оти станува збор за сторено кривично дело со умисла.
„Се преземаат сите дејствија за обезбедување докази за овој кривично-правен настан. Од досегашните докази, за Обвинителството е неспорно дека станува збор за кривично дело сторено со умисла. Токму затоа, Обвинителството во овој случај против осомничениот води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот. Истрагата е поведена за кривично дело од областа на сообраќајот, меѓутоа сторено со умисла“,
рече Коцевски одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во Јавното обвинителство.
Државниот обвинител изрази уверување до јавноста и до семејството дека постапката ќе биде ефикасна и Обвинителството ќе инсистира на најстрога казна.
Претходно денеска во интервју за емисијата „Дејли клик“ на ТВ 21 изјави дека Обвинителството ќе испита дали Васил Јованов го извршил кривичното дело со умисла или се работи за небрежност, со оглед на тоа што бил под дејство на алкохол, немал возачка дозвола, возел со многу поголема брзина од дозволената и поминал на црвено.