Државниот обвинител рече дека Јавното обвинителство ќе постапува согласно законските одредби и целосно транспарентно во оваа постапка, а граѓаните ќе бидат запознаени, како и во кој правец ќе се развива случајот, како и кои докази ќе бидат обезбедени
Обвинителството ќе испита дали Васил Јованов го извршил кривичното дело со умисла или се работи за небрежност, со оглед на тоа што бил под дејство на алкохол, немал возачка дозвола, возел со многу поголема брзина од дозволената и поминал на црвено. Во текот на постапката ќе се утврди дали има место за тоа дека кривичното дело е извршено со умисла.
Ова во емисијата „Дејли клик“ на ТВ 21 денеска го изјави републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски во врска со трагичната сообраќајна несреќа во која загина 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино.
„Главно, досега речиси сите кривични дела што се однесуваат за сообраќајот се извршуваат од небрежност“,
изјави Коцевски.
Во интервју за емисијата „Дејли клик“ на ТВ 21, државниот обвинител рече дека Јавното обвинителство ќе постапува согласно законските одредби и целосно транспарентно во оваа постапка, а граѓаните ќе бидат запознаени како и во кој правец ќе се развива случајот, како и кои докази ќе бидат обезбедени.
„Ги уверувам граѓаните дека навистина Јавното обвинителство ќе постапи најпрофесионално и ќе донесе јавнообвинителска одлука, а натаму е на Судот“,
вели државниот обвинител.
На новинарско прашање дали може да се согласи со ставот на граѓаните оти системот е тој којшто ја убил 22-годишната Фросина, државниот обвинител вели:
„Дел сте во право затоа што и дел од законските одредби се такви што само Јавното обвинителство, па и Судот можат да применат закон таков каков што постои. Со измените на Кривичниот законик се воведе ново кривично дело – безобѕирно возење, меѓутоа не се избриша одредбата од прекршочната постапка, односно од Законот за прекршоци каде што исто така дел од дејствијата што се во тоа кривично дело опфатени се и во Законот за прекршоци, што значи дека во случај на пречекорување на брзината на возење, полицијата откако ќе утврди може да поднесе прекршочна пријава и таа постапка оди директно во Судот, што значи дека елементите на кривичното дело се опфатени и во ова кривично дело и тука треба праксата да се воедначи зашто не може да се работи за двојно казнување бидејќи постапката прекршочно оди побрзо и таму можно е да се одземе возачката дозвола на сторителот и може истиот да се казни.“
Државниот обвинител се осврна и на тоа колку ги загрижува што возачот што ја прегази Фросина имаше мобилен телефон во истражниот затвор во Шуто Оризари. Рече дека за случајот е известено Јавното обвинителство и дека се постапува во врска со околностите – од кого и како го набавил мобилниот телефон.
„Во конкретниов случај тоа не може многу да влијае на доказите бидејќи се работи за сообраќајка каде има обезбедено материјални докази, не е спорно дека поминал на црвено светло, ќе се утврди колку бил под алкохол односно колку бил процентот под алкохол. Брзината ќе се утврди како и начинот како возел, така да мислам јавувањето на телефон нема да има суштинско значење во постапката“,
додава Коцевски.