Говорејќи на денешната вонредна прес-конференција, Вучевиќ рече дека одлуката ја донел по синоќешниот напад врз студентите во Нови Сад
Српскиот премиер Милош Вучевиќ поднесе неотповиклива оставка од функцијата.

Говорејќи на денешната вонредна прес-конференција, Вучевиќ рече дека одлуката ја донел по синоќешниот напад врз студентите во Нови Сад, во кој неколкумина беа повредени.
Вучевиќ додаде дека утринава имал долг и значаен разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ја прифатил неговата одлука да поднесе оставка од функцијата.
„Мислам дека со тоа ја покажуваме одговорноста на оние што се избрани да бидат одговорни“,
рече Вучевиќ на вонредната прес-конференција во владата на Србија и додаде дека политичарите треба да ја прифатат одговорноста и да покажат дека се подготвени да помогнат во намалување на тензиите во општеството.
Најави дека во текот на денот оставка од функцијата ќе поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, бидејќи, како што рече, двајцата се сметаат за објективно одговорни за случувањата во Нови Сад и затоа доброволно ја „плаќаат“ политичката цена.
„Во овој момент целата влада е во технички мандат, со оставка на премиерот паѓа целиот кабинет, практично целата влада е во оставка. Ние ќе си ја работиме работата одговорно до изборот на нова влада или до некоја нова или поинаква политичка одлука“,
додаде Вучевиќ.
Оставката на Вучевиќ, а со тоа и на целата влада, доаѓа откако претседателот Александар Вучиќ вчера најави дека ќе побара најитна и најмасовна реконструкција на владата на Србија.