Трамп, говорејќи со новинарите во претседателскиот авион синоќа, изјави дека сака Египет и Јордан да ги примат Палестинците од Појасот Газа, кој го опиша како „локалитет за уривање“
Хамас соопшти дека ќе се спротивстави на предлогот на Трамп, кој доаѓа една недела по стапувањето во сила на договорот за примирје меѓу палестинската организација и Израел
Хамас и останатите палестински групи ја осудија изјавата на новиот американски претседател Доналд Трамп, кој вчера рече оти смета дека Палестенците во Појасот Газа треба да бидат преселени во некои од соседните арапски земји.

Трамп, говорејќи со новинарите во претседателскиот авион синоќа, изјави дека сака Египет и Јордан да ги примат Палестинците од Појасот Газа, кој го опиша како „локалитет за уривање“, пишува Би-би-си.
„Целиот Појас Газа е хаос, вистински хаос. Речиси сè е уништено, а луѓето таму умираат. Јас повеќе би сакал да соработувам со некои арапски земји и да изградам сместување на друго место каде што можеби би можеле да живеат во мир, барем еднаш“,
изјави Трамп, тврдејќи дека за тоа телефонски разговарал со јорданскиот крал Абдулах.
Тој додаде дека за предлогот ќе разговара и со претседателот на Египет, Абдел Фатах ал Сиси, а на прашањето дали станува збор за привремена или долгорочна мерка, Трамп кажа дека може да биде и едното и другото, додека не се обнови опустошената енклава.
Трамп не даде повеќе детали за предлогот, а темата не беше спомната ниту во официјалниот извештај на Белата куќа.
Хамас соопшти дека ќе се спротивстави на предлогот на Трамп, кој доаѓа една недела по стапувањето во сила на договорот за примирје меѓу палестинската организација и Израел.
„Нашиот палестински народ во Појасот Газа трпеше смрт и уништување 15 месеци без да ја напушти својата земја. Затоа, нема да прифатат никакви понуди или решенија, дури и ако тие се претставени како добри намери под името реконструкција, како што предложи американскиот претседател Трамп. Како што нашите луѓе ги спречија сите планови за раселување и алтернативни татковини изминатите децении, тие исто така ќе спречат такви проекти“,
изјави членот на политичкото биро на Хамас, Башем Наим за Би-би-си.
Од друга страна, предлогот на американскиот претседател наиде на пофалби и одобрување кај дел од ултрадесничарските партии и владини функционери во Израел.
„По 76 години, во кои мнозинството од населението на Газа беше држено во тешки услови за да се поддржи целта за уништување на Израел, идејата да им се помогне со наоѓање други места каде што би можеле да започнат нов и добар живот е исклучителна“,
изјави ултрадесничарскиот израелски министер за финансии, Бецалел Смотрич.
Според него, политичарите со години изнесуваат неостварливи предлози, како што е создавањето палестинска држава, што би го загрозило постоењето и безбедноста на Израел.
„Само нестандардното мислење за нови пристапи може да донесе мир и безбедност“,
вели Смотрич, додавајќи дека ќе работи со премиерот Бенјамин Нетанјаху за спроведување на планот на американскиот претседател.
Предлогот на Трамп го поздрави и лидерот на ултрадесничарската партија Еврејска сила, Итамар Бен-Гвир, кој минатата недела поднесе оставка од функцијата министер за национална безбедност.
Повеќето од два милиони жители на Појасот Газа се раселени за време на 15-месечната војна со Израел, во која е уништен голем дел од инфраструктурата. Според претходните процени на Обединети нации, 60 проценти од градбите во Појасот Газа се оштетени или уништени, а обновата може да трае со децении.

Исто така, според податоци на ОН, повеќе од два милиона палестински бегалци, од кои мнозинството добија државјанство, живеат во Јордан. Тие се потомци на приближно 750 000 Палестинци кои побегнаа или беа протерани од своите домови во претходните судири со Израел.
За време на 15-месечната војна илјадници Палестинци побегнаа во Египет, но тие таму немаат статус на бегалци.
