Одлуката, како што пренесува Би-би-си, доаѓа откако судот во Сеул вчера го одбил барањето за продолжување на притворот на Јеол, поради што обвинителите веднаш морале да одлучат дали ќе поднесат обвинение против отповиканиот претседател или ќе го ослободат
Јужнокорејските истражители денеска поднеле обвинение против отповиканиот претседател на земјата, Јун Сук Јеол, по неговиот неуспешен обид во декември лани да воведе воена состојба во земјата, јавуваат светските медиуми.

Според информациите, кои ги сооопшти главната опозициска партија, тој е обвинет за поттикнување бунт.
Неговиот обид да наметне воена власт ја втурна земјата во една од најголемите политички кризи во нејзината понова историја, а тој стана првиот актуелен претседател на Јужна Кореја кој е обвинет за кривично дело.
Обвинението, како што пренесува Би-би-си, доаѓа откако судот во Сеул вчера го одбил барањето за продолжување на притворот на Јеол. Ваквата одлука на судот била причината поради која обвинителите веднаш морале да одлучат дали ќе поднесат обвинение против отповиканиот претседател или да го ослободат.
„Казнувањето на водачот на востанието сега конечно почнува“,
рекол на прес-конференција портпаролот на главната опозициска Демократска партија, Хан Мин-су.
Освен изјавата на партијата, од канцеларијата на обвинителството досега не излегле со коментар за поднесеното обвинение.
Во меѓувреме, во одделна постапка, Уставниот суд на земјата ја почнал расправата дали и формално да го разреши Јеол од функцијата претседател или да го врати на истата.
Отповиканиот претседател, во најголем дел одбил да соработува со истрагата во врска со обидот за прогласување воена состојба, наведува британскиот национален сервис.
Инаку, на Јеол треба да му се суди заедно со поранешниот министер за одбрана и високи воени команданти, кои се обвинети дека му помогнале да го испланира и спроведе обидот за целосно преземање на власта во земјата.
Во телевизиска објава без преседан на 3 декември, лани Јеол соопшти дека се повикува на воена состојба за да ја заштити земјата од „антидржавните“ сили кои сочувствуваат со Северна Кореја.
Во тоа време, борбениот лидер на Јужна Кореја се наоѓаше во ќорсокак околу предлог-законот за буџетот на земјата, проследен со низа корупциски скандали во кои неколку министри од неговиот кабинет беа под истрага.
Војската објави дека се суспендирани сите парламентарни активности и се обиде да воведе контрола врз медиумите.
По ова, лидерот на опозициската Демократска партија Ли Јае-Мјунг ги повика граѓаните на земјата да излезат на протести пред парламентот на земјата и побара од неговите колеги пратеници веднаш да гласаат за укинување на наредбата.
Помалку од два часа по декларацијата на Јеол, 190 пратеници, меѓу кои и неколкумина од партијата на пратседателот, едногласно гласаа за блокада на одлуката на претседателот.
Јеол беше отповикан од парламентот и суспендиран од неговите должности на 14 декември.
На 15 јануари тој беше уапсен по долги и тензични натегања меѓу антикорупциските истражители и неговите поддржувачи пред неговата резиденција.

Неговиот обид за воведување воена состојба ја предизвика најтешката политичка криза во Јужна Кореја во последните децении и доведе до силна поларизација во земјата.
Многумина од неговите тврдокорни поддржувачи останаа со него, а во петокот десетици илјади граѓани се собраа на протест, барајќи тој да биде ослободен и вратен на функцијата.
Доколку Јеол биде сменет од функцијата, претседателски избори во земјата треба да се одржат во рок од 60 дена.
